• Наслов

    БОЛОЊСКИ ПСАЛТИР

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во периодот меѓу 1230 и 1241 година. Содржи 264 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо од страна на четворица книжевници ‒ Јосиф, Тихота и Белослав чиишто имиња се откриваат во записите од ракописот и од еден анонимен книжевник. Во текстот се забележуваат вметнувања на глаголски букви, што упатува дека текстот е пишуван врз основа на глаголска предлошка. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Охридската книжевна школа. Текстот е пишуван во архаична редакција на псалтирот, каде што се зачувани толкувањата на архиепископот Атанасиј. Според содржинската структура претставува толковен псалтир, односно покрај основниот псалтирен текст се јавуваат и толкувања на псалтирот. Во ракописот се наоѓаат записи од препипшувачите (л. 105, л. 126) и подоцнежен запис во врска со купувањето на ракописот (л. 128). Болоњскиот псалтир е пишуван во охридското село Рамне, а подоцна бил однесен во Августинскиот манастир „Св. Спас“ во Болоња. Денес се чува во Болоњската универзитетска библиотека, сигн. № 2499. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Голабовски, Сотир. 1979. „Осврт врз музичките текстови во Болоњскиот псалтир“. Македонска музика, бр. 2, стр. 27-29; Jagić, Vatroslav. 1907. Psalterium Bononiense interpretationem veterem Slavicam cum aliis codicibus collatam, adnotationibus ornatam, appendicibus auctam. Vindobonae – Berolini – Petropoli; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1997. Скрипторски центри во средновековна Македонија. Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Македонска книжевна традиција. Скопје: ИМЛ; Угриновска-Скаловска, Радмила. 2016. „Траги од глаголската писмена традиција во македонските кирилски текстови од 12 и 13 век“ во: Епоха Св. Климент Охридски: јубилејно издание 916–2016. Скопје: МАНУ, Мар-Саж, стр. 645-652; Цубалевска, Мери. 1998. „Лексичкото богатство на коментарот кон Погодиновиот и Болоњскиот псалтир“ во: Македонски јазик: билтен на Катедрата за јужнословенски јазици при Филозофскиот факултет во Скопје, бр. 42-44, стр. 371-378; Щепкин, Вячеслав. 1906. Болонская псалтырь. Санкт-Петербург: Типография Императорской Академии наук.