• Наслов

    БРАТКОВ МИНЕЈ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во втората четвртина на XIII век или во првата половина на XIV век. Содржи 295 пергаментни и 4 хартиени листови напишани со кирилско старословенско писмо од пет главни книжевници, и четиринаесет помагачи. Според правописните особености се констатира дека ракописот е пишуван во некој од хумитските центри, можеби во манастирот „Св. Апостоли“ на Лим. Јазичните анализи упатуваат на претпоставката дека текстот е препис од постара глаголска предлошка, а се забележуваат и одредени јазични особености од македонска редакција. Според содржинската структура Братковиот минеј се состои од четири минеи ‒ два од втората четвртина на XIII век и два од првата половина на XIV век. Сите четири минеи формираат една целина ‒ службен минеј за септември‒ноември и празничен минеј за декември‒август. Содржи византиски преводни химнографски текстови и оригинални словенски химнографски дела (Методиевиот канон за Св. Димитар Солунски, канонот за Успение Богородично од Св. Климент Охридски, канонот за Св. Симеон Богопримец ‒ за којшто се претпоставува дека е напишан од Св. Климент Охридски , фрагмент од Наумовиот канон за Св. ап. Андреј, канонот за Воведение Богородично, службата за Св. Сава Српски итн.). На маргините од ракописот се наоѓаат записи од повеќе лица (Братко, Никола и Радослав, Иванко и др). Записот оставен од презвитер Братко на л. 123 открива информации за пишувачот и за периодот на пишување на ракописот, додека еден запис од третиот дел на ракописот открива дека е пишуван од дијак Никола и од Радослав за госпоѓа Радослава во времето на епископот Стефан Пекпала. Братковиот минеј е пронајден во манастирот „Св. Благовештение“ во с. Бањани од каде што бил однесен во Народната библиотека во Белград. Во старата збирка на библиотеката бил под сигнатура № 212, а денес во новата збирка е под сигнатура рс 647.  (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Поп-Атанасов, Ѓорги. 1987. „Фрагмент од поетска творба на Наум Охридски во Братковиот минеј“. Разгледи: уметност, култура, наука и општествени прашања. год. 29, бр. 5/6, стр. 576-580; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1991. „Преглед на средновековната македонска химнографија“ во: Македонска средновековна книжевност . Скопје: Македонска книга; Нова Македонија, стр. 168-194; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1997. Скрипторски центри во средновековна Македонија. Скопје: ИМЛ; Мошин, Владимир. 1966. Палеографски албум на јужнословенското кирилско писмо. Скопје: Кочо Рацин; Штављанин-Ђорђевић, Љубица. 1976. „Братков минеј. Кратак приказ“ во: Зборник историје књижевности 10, стр. 21-40. Београд: САНУ.