• Наслов

    ДОБРОМИРОВО ЕВАНГЕЛИЕ

  • Автор

    ПОП ДОБРОМИР

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XI век. Содржи 219 пергаментни и 14 хартиени листови додадени во XIV век. Овој книжевен споменик е најстариот кирилски ракопис од македонска јазична редакција и најстаро пронајдено кирилско четвороевангелие. Во неговото препишување учествувале тројца книжевници, од кои е познато само името на едниот книжевник, поп Добромир , според кого е именуван ракописот. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од југозападните македонски краишта во рамките на Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува четвороевангелие, но недостасува почетокот на ракописот, целото евангелие по Матеј и дел од евангелието по Марко. Ракописот започнува со евангелието според Марко (2:7), по што следуваат евангелијата според Лука и Јован. На крајот од ракописот, во XIV век е додаден и синаксар. Од текстолошки аспект, зазема посебно место во развојот на словенскиот превод на евангелието бидејќи се одликува како преоден текст меѓу првата (најстарата јужнословенска) и втората (старата руска) редакција на евангелскиот превод. Во ракописот се наоѓаат бројни записи, белешки, дополнувања и поправки на текстот внесувани од различни луѓе во различни периоди, што само ја потврдува неговата долговековна литургиска употреба. Еден од позначајните записи е записот на поп Добромир  на л. 121, на крајот од Евангелието според Лука, каде што се открива името на книжевникот. Непознат поклоник го однел ракописот од Македонија во Синајскиот манастир „Св. Катерина“ каде што во 1870 г. е откриен поголемиот дел од оригиналниот кодекс, од страна на архимандрит Антонин Капустин, а уште неколку листови се откриени во скитовите на истиот манастир од страна на Владимир Розов, Моше Алтбауер и Красимир Станчев. Поголемиот дел од ракопист се чува во Руската национална библиотека во С. Петербург, сигн. Q.П.I 55; другите два фрагменти се наоѓаат во библиотеката на Синајскиот манастир, сигн. № 43 и Slav. 7/№3, додека последните два листа се чуваат во збирката на Националната библиотека во Париз, сигн. Slav. 62.   (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Алтбауер, Моше. 1973. Добромирово евангелие: кирилски споменик од XII век. т. 1. Скопје: МАНУ, „Гоце Делчев“; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Десподова, Вангелија. 2000. Студии за македонското средновековно книжевно наследство. Прилеп: Институт за старословенска култура, Скопје: Матица македонска; Скопје: Универзитетска печатница "Кирил и Методиј"; Jagić, Vatroslav. 1898. Evangelium Dobromiri, II Lexicalisch-kritischer Theil. Wien: Gerold; Конески, Блаже. 1976. „Што дава Добромировото евангелие за историјата на македонскиот јазик“ во: Годишен зборник на Филозофскиот факултет, кн. 2, Скопје: Филозофски факултет, стр. 13–22; Конески, Блаже. 1976. „Белешки за Добромировото евангелие“. Прилози: Одделение за лингвистика и литературна наука 1, 1–2, стр. 5–9; Поп-Атанасов, Ѓорги, Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII). Скопје: ИМЛ; Рибарова, Зденка. 1991. „Македонските литургиски текстови од времето на редакцискиот период“ во: Македонска средновековна книжевност. Скопје: Македонска книга, Нова Македонија, стр. 132-168; Угринова-Скаловска, Радмила и Вангелија Десподова. 1992. Добромирово евангелие. т. 2, Кирилски споменик од XII век. Скопје: Матица македонска, Прилеп: Институт за старословенска култура, Куманово: Просвета.