• Наслов

    КИЧЕВСКИ ОКТОИХ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во средината на XIII век. Содржи 89 пергаментини листови напишани со кирилско старословенско писмо од еден книжевник, којшто при пишувањето оставал празнини кои подоцна се дополнети со стихири посветени на Св. Никола Мириклиски. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од западномакедонски скрипторски центар, во рамките на Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува октоих од типот полн параклитик ‒ ги содржи службите за сите денови од седмицата. Содржи текстови за вечерната, полуношницата и утрената, притоа, на секојдневната утрена има два, а на неделната три канони. Во овој ракопис се наоѓаат химнографски дела на Св. Климент Охридски: Канонот на апостолите Петар и Павле за шести глас и Канонот на Св. Троица за осми глас. Ракописот е пронајден од страна на Тома Смиљаниќ-Брадина во 1926 г. во црквата „Св. Атанасиј“ во с. Премка, Кичевско. Два дела од ракописот се чуваат во Музејот на Српската православна црква во Белград во збирката на Радослав Груиќ, сигн. З I 110 (61 л.) и № 227 (5л.), а еден дел се чува во збирката на Народната библиотека во Белград, сигн. Рс 104 (23 л.).  (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2000. Кичевскиот октоих, македонски книжевен споменик од XIII век. Скопје: Менора; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2000. Октоихот во македонската книжевна традиција. Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Македонска книжевна традиција. Скопје: ИМЛ; Штављанин-Ђорђевић, Љубица. 1970. „Београдски македонски октоих (из средине XIII века)“ во: Симпозиум 1100-годишнина од смртга на Кирил Солунски, кн. 2. Скопје: МАНУ, стр. 419–429.