• Наслов

    ЕПИТАФ

  • Автор

    КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ

  • Година на издавање

    1835

  • Категорија

    преродбенска книжевност

Опис на делото

Десет години пред својата смрт, на почетокот на XIX век, Кирил Пејчиновиќ го напишал својот Епитаф, во кој со неколку реченици ја изнел својата биографија.

Надгробниот натпис на Пејчиновиќ е составен од два дела: прозен и стиховен. Во прозниот дел ја посочува својата дејност на возобновувач на запустениот Лешочки манастир „Св. Атанасие“ во 1817 г., чиј заштитник е српскиот кнез Лазар. Го кажува и податокот дека своерачно го врежува натписот „еште во животе своем“, а воедно, поетолошки го одредува и манирот на својата стихувана творба со одредницата: „стихови на глас трпезачки“, кои ги дава во продолжение. Стихуваниот дел од надгробниот натпис претставува засебна творба во која Пејчиновиќ ги истакнува основните податоци за сопствениот живот: родното место, замонашувањето, воспитувањето, „скончанието“. Овој дел има четиринаесет стихови, односно петнаесет ако се земе предвид потписот на Кирил по единаесеттиот стих. Стиховите се полиметриски: првиот и четиринаесеттиот се осмерци, а шестиот, седмиот, деветтиот, десеттиот, единаесеттиот и тринаесеттиот се десетерци – каде е очигледно влијанието на народната поезија. Потоа, вториот стих е единаесетерец, а третиот, четвртиот, петтиот и осмиот се дванаесетерци. Стиховите се замислени да се пеат во духот на народните „трпезачки“ песни, меѓу кои се вбројувале и десетеречки со божовна содржина. Пејчиновиќ внел новина употребувајќи рима (во вториот дел го вметнува поетскиот исказ во клишето на старинските натписи: „... простил – (црвите ги) гостил)“.

Јазикот со кој се служи Пејчиновиќ, како и во неговите прозни дела, е тетовскиот дијалект со примеси на црковнословенскиот јазик.

Во македонската наука Епитафот според формата е оценет како прва стихувана творба на македонски народен јазик, прв обид во новата македонска поезија, а од содржински аспект претставува прва објава на еден нов жанр во македонската литература – автобиографијата. (М. Ц.) 


Библиографија

Аврамовска, Наташа. 2004. Автобиографијата во македонскиот литературен 19 век. Скопје: Институт за македонска литература.

Конески, Блаже. 1986. Македонскиот XIX век. Скопје: Култура.

Поленаковиќ, Харалампие. 1989. Избрани дела 3, Никулците на новата македонска книжевност. Скопје: Македонска книга, стр. 157-168.

Пејчиновиќ, Кирил. 1974. Собрани текстови. Приредил Блаже Конески. Скопје: Македонска книга.