ЧИНГО, ЖИВКО (13.VIII 1935, с. Велгошти, Охридско – 11.VIII 1987, Охрид), македонски прозаист и драмски автор кој твори во духот на магичниот реализам.
Видливи траги во неговиот творечки светоглед оставило родното село каде што го започнал образованието.
Гимназија завршил во Охрид, а Филозофски факултет во Скопје. Одредено време бил професор во Гимназијата во Охрид.
По преселувањето во Скопје работел во весниците Студентски збор и Млад борец, потоа во РТС, во Центарот за политички студии и во Републичкиот комитет за култура. Ги извршувал и должностите советник во Министерството за култура и директор на Македонскиот народен театар. Краткиот животен век од педесет и две години не го спречил да ги добие епитетите: најпопуларен македонски раскажувач (редовно застапуван во сите антологиски избори на проза), најпреведуван автор (неговите куси раскази уште од 1960 г. ќе бидат преведувани и објавувани во списанијата на просторот на некогашна Југославија и во странство) и највлијателен автор (според неговото творештво се реализирани повеќе театарски, ТВ и филмски адаптации).
Уште со првиот расказ „Кога сонцето зајдува“ (1955 г.), објавен во сп.
Млада литература и со др. раскази (објавувани кон крајот на педесеттите години во сп.
Разгледи,
Стремеж,
Млад борец,
Нова Македонија,
Поља,
Телеграм,
Данас), тој го свртел вниманието на културната јавност кон себеси како млад талентиран раскажувач кој „во македонската книжевна средина донесува еден нов непознат свет“ (Бошковски 2005: 241). Од тогашната доминантна реалистичка проза тој се изделувал со „неконвенционалноста на постапката на раскажувањето“ (Х. Георгиевски 1985: 131), определена од многу познавачи на неговото творештво како магичен реализам (в. П. Џаџиќ, М. Ѓурчинов, Р. Ивановиќ, Ј. Мојсиева-Гушева, Д. Костадиновиќ) иако некои раскази („Духови в куќи“, „Вљубениот дух“) спаѓаат во доменот на фантастиката. Во збирките раскази
Пасквелија (1962) и
Нова Пасквелија (1965) Чинго ја моделира револуционерната и постреволуционерната социјалистичка стварност на нему својствен и оригинален начин, преку вметнување на ирониско-бласфемичните и имагинарно-симболичните елементи во еден реален амбиентално-социјален контекст на македонското село. Речено е дека во „секој Чинговски реален приказ постои едно големо спознатливо и мало, но често пресудно, неспознатливо“ (Џаџиќ 1976: 231). Ваквата раскажувачка форма ја задржува и во следната збирка раскази
Семејството Огулиновци (1965) и во збирката објавена на српско-хрватски јазик
Вљубениот дух (1976), во која присуството на имагинациите и халуцинациите уште посилно се чувствуваат. Овие збирки раскази, како и постхумно објавените
Гроб за душата (1989) (со печалбарска тематика) и
Бунило (1989) (според чии мотиви е снимен истоимениот филм на режисерот Даријан Пејовски во 2009 г.) можат да се разгледуваат како романи-хроники посветени на тажната судбина на македонското општество од времето на социјализмот.
Романот
Сребрените снегови (1966) ги донесува приказните на жителите од истиот хронотоп (од заостанатото македонско село во времето на бурните постреволуционерни години) кои се противат на процесот на образование спроведуван од учителката – сирак. Темите за образованието и сираците, започнати во овој роман, Чинго ќе ги доразвие во значително покомплексниот роман
Големата вода (1971), којшто е добро примен и од читателската и од книжевната критика, исто како и изведбата на драматизацијата
Sидот, водата (1973) пишувана во соработка со режисерот Бранко Ставрев според мотивите од романот. Темата на детето и неговиот чудесен светоглед е присутна и во постхумно објавените недовршени романи
Ал (1989) и
Бабаџан (1989). Во романот
Ал (со бајковидна структура) се опишува процесот на созревање на единката која поминува низ многуте етапи на иницијација преку кои главниот јунак – детето со чудно име Ал ги осознава категориите чесност, праведност и вистинољубивост. Романот
Бабаџан (граден врз принципот на ризом), го прикажува талкањето и опстојувањето на јунакот Бабаџан, односно неговото потомство низ историјата. Бројните фолклорни елементи (со кои изобилува овој роман) и постапката на карневализација се употребени и како средства за сликање на современата општествена состојба.
Сè до 1968 г. Чинго бил исклучиво прозен писател. Првиот драмски текст е ТВ-драмата Четири прекрасни годишни времиња (1968), потоа следи трагедијата Образов (1969), која иако на суптилен начин го претставува раздорот помеѓу тогашните македонски политичари (во кој, од една страна, стојат револуционерите со скршени идеали, а од друга, нивните соборци кои успешно се приспособиле на раскошниот живот, лицемерието и ограничувањата на мислата), по премиерата била забранета за прикажување. Иста судбина да биде симната од репертоарот на МНТ ја има и драмата Макавејските празници (1982), во која Чинго како ангажиран писател со сатирично-фарсичен тон прави пресек на македонската историја од Балканските војни до современоста, трудејќи се да ги прикаже што поверодостојно. Во драмата Кенгурски скок (1979) Чинго, на нему својствен начин, ја отсликува дехуманизацијата и неморалноста на современите печалбари и на нивното пеколно опкружување во кое сè се гледа низ призмата на заработувачката. Во манипејата Сурати (1992), со остри контрасти и оксиморонски споеви се создаваат драмски слики што се поврзани со противречното единство на светот и општествените процеси кои се наоѓаат во дијалектичко движење. Во хиперболизираната сатирична драма Работници (1992) се изнесени многу болни прашања од секојдневната стварност на неработливата работничка класа и божемната надградба на уметниците преку кафеански сцени полни со карневалски контрасти, мезалијанси и ексцентричност. Во сатирата Под отворено небо се води битка со лагата и неморалот кои ги опфатиле сите човечки односи на кои им се спротивставува веселиот и итар ум на неконвенционалната единка.
Во сето творештво на Чинго се провлекува „амбиентално-социјалниот контекст одразен преку неговото рурално потекло и специфичниот јазичен израз претставен преку богатиот лексички фонд, згуснатиот стил, иронијата и лирската сентименталност“ (Мојсиева-Гушева 2001: 16). На македонската културната сцена од многу критичари (Д. Митрев, М. Ѓурчинов, Х. Георгиевски, Ј. Мојсиева-Гушева) неговата појава и делување се определени како уникатни и необични бидејќи тој „од една страна бил интегриран во општеството, а од друга страна преку своето творештво ги критикувал и исмејувал аномалиите на власта“ (Мојсиева-Гушева 2001: 15). Користејќи ја успешно мимикријата на магичниот реализам, наместо осуди од актуелната социјалистичка власт добивал високи општествени признанија и награди: „11 Октомври“, „Рациновото признание“, „1 Мај“ и „Стеријно позорје“. (Ј. М.- Г.)