ПАВЛОВСКИ, РАДОВАН (23.IX 1937, Ниш – 22.II 2022, Скопје) е македонски поет, есеист, патописец, член на МАНУ.
Потекнува од регионот Железна Река – подрачје помеѓу Гостивар и Кичево во западниот дел од Македонија коешто оставило видливи траги во неговата поезија. Таму го поминува своето детство и го завршува основното образование. Средно училиште завршува во Гостивар. Студира право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1956 до 1959 г. покрај редовното студирање работи како новинар-преведувач на дневните вести во Радио Скопје, а од 1959 до 1962 г. работи во весникот Нова Македонија како новинар, преведувач и книжевен критичар на културните рубрики. Од 1964 до 1982 г. живее и твори во Загреб, Хрватска, а од 1982 до 1985 г. во Белград, Србија, како слободен уметник. Во Македонија се враќа во 1985 година. Од големо значење за неговата кариера се бројните патувања, како што се: патувањето во 1960 г. по земјите на источниот Медитеран – Кипар, Сирија, Либен, Египет; учеството со југословенската делегација на поетските средби во Москва, Ташкент, Самаркад, Волгоград, Ленинград во 1973; учеството на Деновите на македонската култура во Англија и настапот на поетските средби во „Риверсајд студио“ во Лондон, Оксфорд, Братфорд, гратчето Хеј он Веј во Велс и во Нордич (за што пишува и патописи) во 1979; истата година следи и патувањето во Прага, каде што како стипендист на чешката влада на Карловиот универзитет го изучувал чешкиот јазик.
Членувал во Друштвото на писателите на Македонија, во македонскиот ПЕН центар, во Сојузот на писателите на СФРЈ и во МАНУ.
Кариерата ја започнал уште во 1952 г. со објавувањето на првата кратка песна „Загонетка“ во сп.
Народно здравје, а веќе во 1955 г. ги напишал и песните од првата стихозбирка
Суша, свадби и селидби (објавена 1961 г.) од која извира детството преплавено со сетилно љубопитство за светот, за природата и сè што постои и го исполнува животот. Автор е на повеќе поетски книги, од кои ги истакнуваме следните:
Корабија (во која се препушта на лутањето како своја природна состојба);
Високо пладне (со атмосфера на смирен и контемплативен тон);
Низ проѕирката на мечот (со историски теми и реминисценции);
Зрна (инвентивна рефлексивна поезија за најразлични вистини и животни пораки);
Молња (во која праелементот на молњата ќе биде поврзувачка нишка на бројни имагинации и иновациски форми);
Стражи (во која се пее за соочувањето со феноменот на смртта и обидот за негово надминување);
Марена (каде скитањето и љубовта се соединуваат во мотивски контрапункт);
Чума (во која е содржана сублимација на апсолутното зло);
Клучеви (во чие јадро се наоѓа неуништливиот клуч кој успешно одолева на сите искушенија) и други. Преку неколкуте поетски манифести како што се:
Епското на гласање (заедно со Богомил Ѓузел, 1959);
Манифестот поетската република Железна Река (1990);
Порака на поетот до поетите на светот (1995, СВП), во кои не говорејќи само од свое име ги изразува стремежите (да се пее со вознес по принципот на отворена песна) „на една нова поетска генерација (Б. Ѓузел, П. Бошковски, Ј. Котевски, П. Андреевски, И. Чаповски) која со своето присуство одбележува цела една деценија“ (Ѓурчинов 1986: 8). Припадник е на третата генерација современи македонски поети и на правецот модернизам. И покрај видливиот надреалистички сензибилитет во неговата поезија (
Илуминациите на Артур Рембо и космополитизмот на Сен-Џон Перс), според мислењето на Д. Наневски „метафориката на овој поет генерички произлегува од вековната македонската школа на поезијата која од порано знаела за тајните на магијата, несвесното и сонот“ (Наневски 1977: 273). Познат е и како автор на неколку книги есеи:
Што може поезијата? (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија) и на патописот
Отклучување на патиштата (1986).
Тој е еден од најпреведуваните (на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик) и најнаградуваните македонски поети во Македонија и во странство, застапен во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија. Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) и на благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011). Исто така е добитник на странските награди: „Младост“ (југословенска награда за „Суша, свадба и селидби“ (1961), „Златна струна“ (југословенска награда на анонимен конкурс за песната „Железна Река“, 1975), „24-та Дисова пролет“ (југословенска награда за поетски опус – избор „Момчето што спие напладне“, 1978), Плакета на јубилејната 50. Дисова пролет (1987, како лауреат) и „Ристо Ратковиќ“ (југословенска награда за збирката песни „Темелник“, 1988). Во 1972 г., на поетскиот конкурс во Хрватска, ракописот „Пир“ е награден за неговите високи уметнички вредности, а поетската збирка Зрна е прогласена за најдобра книга за 1975 година од Југословенската радио-телевизија – Оддел за култура. Во 2009 година е добитник на меѓународната награда „Икона Шекспир“ за литература, наречена „Исконски добитник“ што ја доделува Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија. Академик Радован Павловски за своето творештво е добитник и на Орденот на заслуги за народот со сребени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за „личност на годината“ за 1997 г. како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“. Радован Павловски е добитник на светското признание за животно дело за 1998 година (АБИ – САД). Во тринаесеттата едиција – интернационалното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ од Интернационалниот биографски центар со седиште во Кембриџ, Англија, во 1999 година е објавена детална биографија и библиографија на животниот и творечки опус на Радован Павловски. (Ј. М.-Г.)