• Наслов

    СКОПСКИ ПРАЗНИЧЕН МИНЕЈ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван на почетокот од XIII век. Содржи 284 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо од девет книжевници, меѓу кои тројца се изделуваат како главни. Содржи служби за поголемите црковни празници за периодот од септември до мај, започнувајќи со дел од службата на Воздвижение и прекинувајќи со службата на апостол Јоан Заведеев на 8 мај. Во неговата содржинска структура е застапена раната композиција на византиските споменици од IX/X век и девет оригинални словенски творби: Служба на Кирил, Служба на Методиј, Канон за претпразненство на Раѓањето Христово од Климент Охридски, Канон за пренесувањето на моштите на Јоан Златоуст, Канон за архангел Михаил од Константин Презвитер, Канон за Воведението Богородично и Богојавленски канон за кој се претпоставува дека е дело на неколку Кирило-Методиеви ученици. Ракописот се истакнува како најбогат словенски ракопис со преписи на словенски оригинални химнографски творби. Во минатото се наоѓал во библиотеката на Скопската митрополија, поради што во науката е познат како Скопски празничен минеј. Се чува во збирката на Софиската народна библиотека, сигн. № 522. (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2001. Македонската книжевност во XV век. Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги, Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ. 1997. Скрипторските центри во средновековна Македонија. Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Македонска книжевна традиција. Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасова, Стоја. 2002. „Препис од оригинално Климентово дело во Скопскиот празничен минеј“. Македонски јазик, бр. 53, стр. 55-66.