• Наслов

    КАНОН ЗА ВОВЕДЕНИЕ БОГОРОДИЧНО

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Оригинална словенска химнографска творба посветена на празникот Воведението Богородично, познат меѓу народот како Света Пречиста. Не е идентификуван авторот на творбата, зашто не се наведува неговото име во фразовиот акростих. Се претпоставува дека настанала во периодот од крајот на IX до почетокот на X век, како дел од Охридската химнографска книжевна школа. Досега се откриени 10-тина преписи од Канонот, пишувани во македонски ракописи меѓу XIII и XVI век: Скопски празничен минеј од почетокот на XIII век (Софија, Народна библиотека бр. 522), Драганов минеј  од средината на XIII век (во фрагментот кој се чува во Санкт Петербург, Руска национална библиотека, сигн. Усп. Q.n.I.40), Братков минеј  меѓу 1234 и 1243 година и првата половина на XIV век (Белград, Народна библиотека, Рс 647), Празничен минеј од средината на XIII век (Белград, САНУ бр. 361), Трескавечки минеј од втората половина на XIV век (Краков, Универзитетска библиотека бр. 935), Кратовски минеј од крајот на XIV век (Белград, Универзитетска библиотека, Рс 13), Минеј за ноември од 1470/1480 година (Белград, САНУ бр. 287), Минеј за ноември од 1550 година (Нови Сад, Матица српска, сигн. P IV 23), Минеј за ноември од XVI век (Белград, Музеј на СПЦ бр. 174) и др. Оригиналната структурна форма на акростиховната фраза впишана во првите строфи на 35-те тропари од песните во Канонот претставува творечки осмислено кратко молитвословие на анонимниот автор, кое текстолошки се сообразува во општата молитвена содржина во самата химнографска творба. Но поради испуштањето на еден тропар од 8-мата и два од 9-тата песна во зачуваните преписи, дошло до извесно нарушување на содржината во фразата од акростихот. (И.В.)

 

Библиографија

Кожухаров, Стефан. 2004. Проблеми на старобългарската поезия. София: Боян Пенев, стр. 80-94; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 165-169; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1987. „Оригинално литературно дело од IX-X век“. Спектар, год. 5, бр. 9, стр. 15-53; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Од македонското книжевно минато. Скопје: Менора, стр. 15-53.