• Наслов

    ДРАГАНОВ МИНЕЈ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во средината на XIII век. Содржи 230 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо. Овој ракопис, според содржинската структура претставува празничен минеј со пролози во чијашто текстолошка содржина се забележува рано чувство за спроведување книжевни реформски потфати. Содржи празнични служби од Велигденскиот пост и од поствелигденскиот циклус на црковната календарска година. Карактеристично за овој минеј е тоа што во него се наоѓа и оригинална словенска химнографија за словенските светители: Службите за Св. Кирил, за Св. Методиј, за преподобен Јоан Рилски, за цар Петар, за Св. Петка Трновска и за Михаил Воин. Во овој ракопис, службите за Св. Кирил и за Св. Методиј се составени според архаичната текстолошка редакција, настаната под влијание на ранохристијанските химнографски обрасци. На крајот од службата за март, на л. 172 об., се наоѓа запис кој открива дека ракописот го пишувал книжевникот Драган, според кого и е именуван ракописот. Во ракописот, овој книжевник се открива како образована личност со солидни познавања на словенскиот и грчкиот јазик, и на илуминациската и музичката уметност. Се јавуваат дури седум нотни химнографски состави со екфонетски и невматски нотни знаци коишто ја потврдуваат високата музичка образованост на овој книжевник. Драгановиот минеј се наоѓал во Зографскиот манастир на Атос, сигн. № 85.I.8, каде што дненес се чува и најголемиот дел од ракописот (219 л.). Два листа од ракописот коишто се изнесени од Виктор Гиргорович се чуваат во Руската државна библиотека во Москва во неговата збирка бр. 42, сигн. М. 1725. Порфириј Успенски од манастирот изнесол три листа коишто се чуваат во Руската национална библиотека во Санкт Петербург во неговата збирка, сигн. Q.n.I.40. Уште шест листа биле изнесени и однесени во светогорскиот манастир „Св. Пантелејмон“ (Русик). Овие листови се изгубени.   (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Велев, Илија. 2021. Погледи кон македонската културноисториска традиција. Скопје: ИМЛ; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Македонска книжевна традиција. Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII). Скопје: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2019. „Македонското книжевно наследство во московскиот дел од ракописната збирка на Виктор Григорович“. Прилози: Одделение за лингвистика и литературна наука. бр. 43, стр. 27-110; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1997. Македонската средновековна книжевност. Скопје: Детска радост.