• Наслов

    СЛУЖБИ ЗА ПРЕП. ПРОХОР ПЧИЊСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Химнографски полистрофни дела што се поврзани со богослужбеното и книжевно воспоставување и ширење култ за преподобниот пустиножител во Пчињскиот манастир. Првите химнографски песнопеења се составиле набргу по неговата смрт во втората половина на XI век, откако славата и споменот за пустиножителот почнале да се прославуваат во богослужбите. Раното присуството на неговиот богоугоден чин на светител е застапено и во месецословот на Орбелскиот триод од XIII век, заедно со св. Кирил и Методиј, преп. Јоан Рилски и со преп. Јоаким Осоговски. Се евидентира и препис од неговото кратко житие во Норовиот пролог од XIII век. Текстот на Службата за преп. Прохор имал кратка структурна редакција, со распоред на песнопеењата во дводелна композиција – за вечерната и за на утрината. Низ текот на преписите составот еволуирал со извесни дополнувања, скратувања или со замена на одделни песнопеења со други. Литургиските реформи од почетокот на XIV век и промената на Студискиот со Ерусалимскиот типик се одразиле и врз структурниот развој на Службата, проширувајќи се со нови и посвечени делови во малата и големата вечерна и на утрината. Зачуваните преписи се само од нејзината пространа (реформирана) редакција. Најстариот и нецелосен препис се евидентира во Пчињскиот поменик, кој се составувал меѓу втората половина на XV и сѐ до XVII-XVIII век (Стара збирка на Белградската народна библиотека, инв. бр. 348). Преписот бил пишуван на крајот од ракописот, што потврдува дека потекува од XVI или XVII век. Во Пчињскиот зборник од XIX век (Софија, ЦИАИ бр. 1183) се открија уште два преписи од различни Служби за преп. Прохор Пчињски, а меѓу двете е застапен и препис од неговото житие. Првата Служба и Житието ги пишувал Дионисиј Хилендарски во 1851 година, а втората Служба ја пишувал Мартириј Хилендарски. Двата нивни подоцнежни преписи во Зборникот во 1894 година потврдуваат дека постоеле и две различни Служби за преп. Прохор, кои на структурен план во однос на распоредот на песнопеењата и читањата немаат сериозни разлики. Значителни разлики се јавуваат во однос на содржините и по гласовите за пеење на застапените химнографски творби и на каноните. Двете Служби содржат по два вкрстени Канони, кои упатуваат на сознанието дека за преп. пустиножител биле составени 4 различни Канони. Во научната литература постојат податоци и за други преписи, кои не се идентификувани и за нив не се знае дали се зачувани. (И.В.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 1995. „Службата за пустиножителот св. Прохор Пчињски со посебен осврт кон два необјавени преписи“. Спектар, год. XIII, бр. 25-26, стр. 5-11; Велев, Илија. 1997. Кирилометодиевската традиција и континуитет. Скопје: ИМЛ, стр. 235-243; Велев, Илија. 1997. „Непознати два текста од содржината на службите посветени на св. Прохор Пчињски“. Спектар, год. 15, бр. 29, стр. 7-33; Новаковић, Стојан. 1895. „Пшињски поменик“. Споменик Српске краљевске академије, 29. Београд: Државној штампарији Краљевине Србије, стр. 11-14; Стојановић, Љубомир. 1982. Каталог Народне библиотеке у Београду. Фот. изд. Београд. Београд: САНУ; Народна библиотека Србије, Нови Сад: Матица српска оп. бр. 530, стр. 385.