Опис на делото

 

 

Збирките на Венко Марковски Народни бигори  и Огинот се значајни од книжевно-историска гледна точка, бидејќи се првите збирки од современата поезија (според годината на објавување) напишани на македонски јазик.
Збирката Народни бигори донесува низа теми поврзани со љубовните чувства и со патриотизмот на младиот автор, додека во збирката Огинот социјалните теми и темите од секојдневието се надополнети со историско-национални теми.
И двете збирки се градени без некоја посебна внатрешна кохезија со повеќе тематски разновидни песни. Во Народни бигори особено се забележителни љубовните песни со фолклорна колоритност: „Бисеро“, „Алтана“, „Меракот“, „Туѓина“, „Месецот“, „Изгора“, како и ајдутските: „Горо ле“, „Мајка и син“, „В пролет бујна“, „Мајка“, „Чичо“ и др. Од збирката Огинот се истакнуваат песните со мотив од тешкиот живот на трудбеникот: „Жетварите“, „Амалот“, „Огинот“, „Леарите“, потоа јуначките песни „Ајдушко либе“, „На меана“, „Патриот“, „Братоубиец“ и др.
Во Народни бигори, како што навестува и самиот наслов на збирката, песните се слични по ритам и форма на народното творештво („Алтана“), додека во збирката Огинот се прави исчекор во поглед на стилот, кој е во духот на соцреалистичкото пеење со тенденција да се опфатат сите страни на живеењето на поробениот македонски народ. Марковски уште во овие две збирки изгради оригинална силабичка версификација со повторување на ист број слогови и постојан акцент, а и на крајот половината од стихот прекршена и придружена со иста цезура („Туѓина“ и „Патриот“), која извршила силно влијание врз сите поети од неговата генерација.

Антон Попов во својот критички осврт за поезијата создавана од членовите на Македонскиот литературен кружок, задржувајќи се посебно на вредноста на овие две збирки, ќе истакне дека тие се: „песни наситени со содржина, совршени по ритам, ритмика и уметничка сликовитост“ (Попов 1940: 91). Наспроти позитивните критички оценки од неговите современици (Попов, Сматракалев, Вапцаров, Рацин), некои подоцнежни критичари се согласуваат во ставовите за слабиот квалитет на неговото творештво (Б. Конески, Д. Митрев, М. Ѓурчинов), додека други застапуваат пообјективни гледишта (А. Алексиев, К. Чашуле, Г. Тодоровски, Г. Старделов) земајќи го предвид неговото богато и разновидно творештво од македонскиот период (пет збирки песни, шест поеми, повеќе сонетни венци, два епоса, три романи во стихови, три драми во стихови и др.) и, пред сè, родоначалничката улога во современата македонска поезија остварена преку овие две збирки. Ваквите варијации во вреднувањето на неговото творештво потекнуваат од подоцнежната амбивалентна национална поставеност на самиот автор, којашто нема да дозволи повисок степен на вреднување на неговиот книжевен опус. (Ј. М.-Г.) 


Библиографија

Попов, Антон. 1940. „Од Бура на родината’ до ‘Чудна е Македонија’“ во: Македонскиот литературен кружок (Софија, 1938 – 1941) документи. 1995. Избор, превод, редакција и белешки Васил Тоциновски. Скопје: Архив на Македонија и Матица македонска, стр. 72-96.; Марковски, Венко. 1992. Гламњи и порои. Избор и поговор А. Алексиев. Скопје: Македонска книга.; Тодоровски, Гане. 2009. Книга за Венко Марковски. Скопје: Штрк