• Наслов

    РАСПНУВАЊА И УМИРАЊА и АСПЕКТИ

  • Автор

    ВОИСЛАВ ИЛИЌ И.

  • Година на издавање

    (1935) и (1936)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

Тие се првите поетски збирки на Воислав И. Илиќ објавени во Македонија на тогашниот официјален и дозволен јазик – српско-хрватскиот. Збирката Аспекти (која првично требала да излезе со наслов Луда крв) е цензурирана од властите поради петте песни напишани на македонски јазик и прогресивниот предговор од поетот Христо Попсимов (внукот на Григор Прличев), па нејзиното печатење било прекинато. Една година подоцна, во 1936 г., повторно била објавена под насловот Аспекти, но без спорните песни и без предговорот.

Тематско-мотивските содржини на збирката Распнувања и умирања се дадени уште во првата песна со наслов „Моја песна“. Таа претставува своевиден програмски манифест во кој на ефективен начин се образложени поетовите младешки мечти, бујни соништа и далечни идеали. Збирката Распнувања и умирања содржи триесет и пет песни: („Бдеење“, „Замор“, „Човек“, „Есен“, Писмо“, „Љубовна песна“, „Последна песна“ и др.) со предговор од Сотир Аќимовиќ, во кој се анализира творештвото на младиот поет – меленхолик, занесеник и бунтовник. Во стегнатата версификација на песните се наѕира јасната мисла на поетот, што претставува евидентен квалитет на талентираниот поет чиишто почетнички обиди со пофалби биле прифатени како од поетовите врсници така и од критиката. Професорот Јован Секуловиќ, пишувајќи за поетовата прва збирка во в. Вардар, ја истакнал одмереноста на неговата поезија, бројните стилски фигури и ритамот. (цит. сп. Стојановска-Друговац 1997: 22).

Збирката Аспекти е со социјална и бунтовна тематика. Поетовиот бунт не е само израз на младешки револт кон човештвото и неправдите („Медитации“, „На боемскиот пат“), туку тој е конкретно насочен против сиромаштијата („Sидари“, „Запалени и вкочанети светилки на калфата“), како и против војната („Празничен банкет на градовите во крв“). Низ сите дваесет и четири песни од збирката, кои се тематски поделени во три циклуса, се чувствуваат контемплативноста, душевните немири, отпорот и експресијата на разочарувањата што се толку карактеристични за поетиката на Илиќ. Оваа збирка полна со хумана суштина, интензивна боја, густа медитација и слободна структура на изразот е многу поразлична од претходната. Стојан Ристовски, како добар познавач на Илиќевото творештво, за збирка Аспекти напишал дека во неа се насетува поетовата „наклонетост кон модерната форма, кон надреалистичкиот концепт (драизмот)“ (1983: 93-94), но и кон експериментот како надградба на темите на соцреализмот.

Иако збирките се од раната (гимназиска) развојна фаза на поетот, тие недвосмислено сведочат за еден зрел и оформен поетски исказ полн со сентименталност и рефлексивност. Поетот и негов близок другар – Радослав Петковски (кому му е посветена песната „Прегорување“), искажувајќи го своето мислење во статијата објавена во сп. Нов сјај по повод збирката Распнувања и умирања, го запишал следново: „Илиќ се покажа како момче со потполн поетски темперамент, со силна душа што силно чувствува сè“ (цит. сп. Стојановска-Друговац 1997: 22). Интимната поезија е доминантна во Распнувања и умирања додека Аспекти се насочени кон модернистичка поетика каде влијанието на експресионизмот и надреализмот се највидливи.

 

Двете збирки се едни од ретките што се објавени во Македонија во периодот меѓу двете светски војни и поради тоа се значајни примери кои го покажуваат континуитетот и развитокот на современата македонската книжевност. (Ј. М.- Г.)

 


Библиографија

 Илиќ, И. Воислав. 1935. Распињања и умирања. Битољ: штампарија „Ђура Јакшић“.;  Илиќ, И. Воислав – Најмлаѓи. 1936. Аспекти. Битола: штампарија „Ђура Јакшић“.; Ристовски, Стојан. 1983. „Илиќевите запалени светилки во меѓувоениот период (40-годишен јубилеј на стихозбирката ‘Аспекти’ од В. И. Илиќ“ во: Литературни испитувања. Скопје: Студентски збор, стр. 81-111.; Стојановска-Друговац, Јованка. 1997. Блесок и траење. Скопје: Култура и Институт за македонска литература.