• Наслов

    РАЗБОЈ

  • Автор

    ВЛАДО МАЛЕСКИ

  • Година на издавање

    1969

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 РАЗБОЈ (1969), роман на Владо Малески. Непосредно по објавувањето, критиката го оценува како „монументално дело, најзначајно не само во творечката актива на авторот, но и меѓу најзначајните во нашата литература“ (Вангелов 1969: 701).

Романот е изграден од повеќе наративни линии кои се испреплетуваат, од кои две се доминантни: едната е сосредоточена на семејството Дабовјански, другата е поврзана со семејството Брашнарови. Епскиот концепт на романот овозможува инкорпорирање на придружни наративни линии кои ја создаваат комплексната слика за животот и политичките и социјалните промени што се одвиваат во годините кои ги опфаќа романескното дејствие сместено во струшката средина, па така во делото дефилираат десетици ликови од сите општествени слоеви: занаетчии, трговци, рибари, селани, студенти, печалбари, војници. Од нив се издвојуваат два стожерни лика, две жени, чии животни стории се преплетуваат преку нивната судбинска поврзаност со студентот по право Стојмир Дабовјански. Првиот лик, Благуна, сопруга на печалбарот Нестор Дабовјански, кому му се губи трагата откако ќе замине во Америка, сите свои животни надежи ги сосредоточува на иднината на својот син Стојмир. Вториот лик е Калина Костојчиноска, која поради сплет на околности во кои главен учесник е сестра ѝ Ирена, и покрај љубовта со Стојмир, влегува во брак со синот на богатиот трговец Пере Брашнаров, Мане, со кого не успева да зачне. Стојмир се враќа дома откако Белград е бомбардиран, заминува во партизани, што воведува постојан немир во животите на двете жени кои стрепат за неговиот живот. Темата на народноослободителната војна, која е доминантна за целокупното творештво на Малески, е присутна и во ова негово дело, и таа овде се разгранува во правец кон борбата за подобра човекова иднина, чие олицетворение е ликот на Стојмир. При обидот да се зближи повторно со Стојмир во текот на неговото илегално доаѓање во градот, таа е отфрлена од него. Калина подоцна зачнува со општинскиот барабанџија Бојан Караѓуле, некогашен студент на Софиската театарска академија, а тој непосредно потоа загинува. При следното илегално влегување во градот, Стојмир е смртно ранет од фашистите, но сепак успева да доплива по реката Дрим до родниот дом, и умира на рацете на мајка си. Од тој миг започнува очајот на Благуна, а кога дознава за смртта на Стојмир, истото чувство ја опфаќа и Калина. Тогаш таа ја донесува судбинската одлука со која верува дека ќе ја врати надежта во животот на Благуна. Го напушта домот на Брашнарови и ѝ кажува на Благуна дека детето кое го носи го зачнала со Стојмир, и со таа лага ја постигнува својата хумана цел. Романот завршува со контемплацијата на Калина над прашањето за човечката среќа и со нејзиното сознание дека „не била само вистината праведна.“

Јасмина Мојсиева-Гушева го согледува овој роман на Малески преку опозитните, а честопати нераскинливо поврзани феномени на љубовта и насилството, и од таа перспектива ги толкува и индивидуалните судбини на Благуна Дабовјанска, Митанка Калиштанска, Бојан Караѓуле и трансформациите на односот помеѓу Калина и Стојмир. Во тој нивен однос Мојсиева-Гушева ги идентификува фазите на перцептивна тензија, агресивните тенденции, стремежот кон состојбата на интеграција, сè до стадиумот кога „конфликтот во личноста на Калина се разрешува во моментот кога таа дознава за смртта на Стојмир“ (Мојсиева-Гушева 1999: 106).

Осврнувајќи се на вредностите на вториот роман на Малески, Атанас Вангелов заклучува: „Разбојприпаѓа на оние остварувања во кругот на една литература кои говорат за нејзината виталност. Разбој спаѓа во кругот на оние дела кои еден ден литературната историја ќе ги одбележи како класика, како нејзин фундамент“ (Вангелов 1969: 709). (Г. С.)

 

Библиографија

Вангелов, Атанас. 1969. „Поезија на човековите инстинкти“. Разгледи бр. 7, стр. 689-709; Георгиевски, Христо. 2002. Македонскиот роман 1952 – 2000. Скопје: Матица македонска; Домазетовски, Вецко. 1988. Структуралните специфичности на современиот македонски роман 1952 – 1980. Скопје: Македонска книга; Ѓурчинов, Милан. 1983. „Значајно остварување на македонската проза“ во: Современа македонска книжевност, стр. 171-174. Скопје: Мисла; Мојсиева-Гушева, Јасмина. 1999. „Љубовта и насилството во романот Разбој на Малески“ во: Творештвото на Владо Малески, прир.: Веле Смилевски, стр. 102-108. Скопје: Институт за македонска литература; Мојсова-Чепишевска, Весна. 1999. „Водата со посебен акцент на женската и мајчинската вода во романот Разбој“ во: Творештвото на Владо Малески, прир.: Веле Смилевски, стр. 109-118. Скопје: Институт за македонска литература.