• Наслов

    СВЕТЛОСНАТА НИШКА

  • Автор

    ЉУПЧО СТОЈМЕНСКИ

  • Година на издавање

    1996

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

Последната стихозбирка на Љупчо Стојменски Светлосната нишка е компактна поетска апологија на македонскиот фолклор, односно на народната песна. Версификациски прецизната и стегната поезијата од оваа збирка е осмислена како продолжение на симболичната светлосна нишка која може да се извлече од фолклорното наследство за да послужи како основа за идни поетски потраги. Збирката е поделена во две целини: првата е „Поема за песните македонски“, а втората е „Кон поемата за песните македонски – лирски коментари“. Евидентно, фокусот е единствен – народната песна, но не само на мотивски план туку и како инспирација и како формална матрица. Затоа и целата збирка условно се доживува како поема. Додека еден дел од песните сегменти се однесуваат на одделни национални маркери поврзани со пејзажот, историјата и традицијата, друг дел од стиховите се лирски реплики и дијалошко-цитатни варијации на добро познати фолклорни напеви од изворниот мелос. На автентичен начин поетот ја пресоздава „светлата нишка“ на фолклорната традиција во својата поезија и наместа стиховите функционираат како осовременети препеви на фолклорните обрасци. И покрај ехото на темните петна на историјата, во овие стихови доминира една ведра доверба во убавината, празничноста и виталноста на народната мудрост. За поезијата од оваа збирка критиката вели дека: „е остварена во технички дисциплиниран и исцизелиран стих со мошне развиена скала на римување и со свеж репертоар на рими. Следејќи ја идејата водилка и вешто проткајувајќи ги елементите на старото и новото, Љупчо Стојменски во овие песни остварува динамичен начин на кажување со чиста артикулација на содржините...“ (Бошковски 2003: 162). Поетската збирка Светлосната нишка во пристапот се приклонува кон современите тенденции на накалемување на дискурсите, но во својата реализација е обременета од делумно анахроните стеги на класичниот стих и од романтичарската национална егзалтација. (С. С.-Е.)
 

Библиографија

 

 

Бошковски, Петар Т. 2003. „Затемеленост во традицијата“, во: Премрежето на критиката. Скопје: Матица македонска, стр. 160-162; Китанов, Блаже. 2016. „Светлосните нишки во поезијата на Љупчо Стојменски“. Спектар бр. 68/2016. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 78-87; Стојменска-Елзесер, Соња. 2013. „Поетско мапирање на македонскиот идентитет (за поезијата на Љупчо Стојменски)“, во: Со посвета. Скопје: Дијалог, стр. 7-17.