• Наслов

    ЗАКОН ЗА СУДЕЊЕ НА ЛУЃЕТО

  • Автор

    МЕТОДИЈ СОЛУНСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • правно-канонски текст

Опис на делото

Закон за судење на луѓето е оригинален словенски правен состав на Св. Методиј Солунски , со извесна компилација од византиската Еклога на Јован III Схоластик од 550 година. Според „моравскопанонската“ теорија текстот настанал во Моравија или во Панонија, а аргументите се бараат во потребата од правно фунционирање на Методиевата црковна организација во Моравија, поради употребата на моравизми, поради согледувањето на остатоци од западнокатоличкото право во содржината на составот и поради други елементи. Воено-политичките констелации пак, укажуваат на можното настанување на Воениот судбеник (Закон за судење на луѓето) во периодот помеѓу 845 г. и 855 г. кога Св. Методиј бил управител, архонт во Брегалничко-словенското кнежество (Стримонска област), аргументирано во т.н. „македонска теорија“. Составот содржи податоци за животот на Словените во Византиската Империја, а Методиј за нејзиното составување се служел со следниве извори: византиската Еклога, Декретот на византискиот император Константин V, Библијата и каноните на Св. Василиј Велики. Целта за пишување на овој правно-законодавен акт била воено да се организира одбраната на византиската граница од бугарските завојувачки акции заради дисциплинирање на словенското население од Струмичко-брегалничката област, кое покажувало низок морал и недисциплина како отпор кон византиското подаништво. Се смета дека ракописот е пишуван на тогашниот словеномакедонски јазик, но со византискогрчка ортографија, а потоа во текот на Моравската мисија бил транскрибиран на глаголица и додаден на Синагогата на Јован III Схоластик. Ова правно дело содржело и световни закони сврзани со нормирање на секојдневниот живот на населението, со правила сврзани со бракот, со семејството, наследството и сл. Овој законик на Методиј во науката се третира како прв словенски труд, настанат пред Моравската мисија, но и понатаму во функција на Мисијата.

Содржината на текстот е позната во две структурни редакции – кратка и опширна. Кратката содржи 32 текста, а опширната 77. Првична е кратката редакција и таа влегува во состав на повеќе канонски зборници од руска редакција: Устјушкиот, Јоасафскиот, Новгородскиот (1280 – 1291), и во Варсонофиевската крмчија од XIV век. Опширната е плод на подоцнежни руски преработки (XIII – XIV век). Се смета дека и при преводот на Номоканонот во првите три години од Моравската мисија, Методиј го користел сопственото искуство од создавањето на Законот за судење на луѓето. Превод на современ македонски јазик придружен со научно-критички текст за составот објавува К. Илиевска. (М. Ј.-Т.)

 

Библиографија

Илиевска, Красимира. 2004. Законъ судныи людьмъ. Скопје: МАНУ, стр. 117-129; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. Том 1. Средновековна книжевност. Скопје: Гирланда, стр. 6-113; Велев, Илија. 2016. Свети Кирил и Методиј, рамноапостоли и сесловенски просветители. Скопје: УКИМ; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2014. Книжевните состави на Св. Методиј Солунски во прилог на Моравската мисија, XL Научна конференција на Меѓународниот Семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид 29 – 30 јуни 2013, Скопје: УКИМ, стр. 7-21; Јакимовска-Тошиќ. Маја. 2015. Правно-канонските книжевни состави на Св. Методиј Солунски. Macedónsko-slovenské literárne, kultúrne a jazykové vzťahy. Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски. Macedoninan-slovak literary, cultural and linguistic relations. Univerzita Konštantina Filozofa v Nitre. Filozofická fakulta, Nitra, стр. 37-44; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2018. Култура и дијалог. Средновековни книжевни контексти. Скопје: ИМЛ, стр. 13-63; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 38-47; Панов, Бранко. 1985. Средновековна Македонија. кн. 3. Скопје: Мисла, стр. 164-177; Троицкий, В. Сергей. 1956. Апостой славянства Св. Методий как канонист, Журнал Московской патриархии, Москва, бр.3; Троицкий, В. Сергей. 1970. „Номоканон Св. Мефодия и его важност за наше время“, Зборник Кирил Солунски по повод 1100 од смртта на Кирил Солунски, т. 1. Скопје: МАНУ, стр. 261-273.