• Наслов

    ЖИТИЕПИСНИТЕ ТВОРБИ ЗА СВ. НАУМ ОХРИДСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Житиеписните творби за Св. Наум Охридски се претставени со две словенски и две грчки житија. Најстаро е првото кратко словенско Наумово житие, што датира од X век. Пишувано е од анонимен ученик на Св. Наум, а по барање на деволскиот епископ Марко. На овој анонимен автор му биле познати податоците дека постоеле опширни словенски житија за Св. Климент и Св. Наум Охридски, составени пред краткото житие, но тие се изгубиле и се непознати за науката. Во 1906 година, препис од краткото Наумово житие открил Ј. Иванов во Прологот бр. 47 од збирката на Зографскиот манастир, пишуван во XV век од поп Иван и Никола Милошеви од с. Пископие, Дебарско, којшто прв го објавува Житието. По него го објавуваат уште: П. Лавров, Б. Ангелов и М. Генов, В. Сл. Киселков, И. Дујчев, М. Вајнгард и др. Македонски превод на Житието објавува Р. Угринова-Скаловска, Х. Поленковиќ и В. Антиќ. Второто словенско житие е поново и е зачувано во препис од XVI век, пронајден од Ј. Хаџи Константинов-Џинот, кој го испраќа во Белград на српскиот историчар П. Среќковиќ. Прв го објавува Љ. Ковачевиќ (1885), а по него го објавиле и Ј. Иванов, П. Лавров. А. Теодор-Балан, В. Антиќ и др. Се смета дека е напишано од монах во Македонија. Житието информира дека Св. Наум им се придружил на Светите Кирил и Методиј и со нив учествувал во изведување на Моравската мисија. Бил присутен во Рим, каде што заедно со Св. Климент биле ракоположени во свештеници во црквата на „Св. Апостоли Петар и Павле“. Се смета дека потеклото на двете словенски Наумови житија е македонско.

Познато се и грчките Наумови житија. Првото кратко житие на Св. Наум било печатено во Венеција во 1695 г., за што иницијатива и подготовки за печат дава Козма Китијски, настојник на Охридската архиепископија во периодот помеѓу 1690 и 1694 г. Изворниот текст на веницијанското издание доживеал уште две печатени изданија, целосно застапен во Аколутијата, печатена во Москополе во 1740 г. и во 1742 г., со средства од манастирот „Св. Наум“. Во насловот на второто издание се илустрира промената на датумот на празнување на светителот Наум од 23 декември на 20 јуни. Текстот е познат како Македонска легенда. Настанал во XIII век, врз основа на Пространото грчко житие на Св. Климент, но без критички однос кон користените податоци. Според хронолошки редослед, грчкото житие на Св. Наум е второ по редослед, по најстарото словенско од X век, а трето е второто словенско Наумово житие од XVI век. Од ова грчко житие пронајден е препис на црковнословенски јазик, направен од непознат автор, според единствениот зачуван препис, денес во Белград, НБС. Од страна на И. Дујчев откриено е и уште едно грчко житие на Св. Наум и негова служба во еден ракопис што се чува во Атинската национална библиотека, сигн. Cod. Atheniensis 827. Потеклото е датирано од 1646 г., а издадено е од Е. Трамп. Иако во него недостасуваат историски податоци, авторот покажал високи уметнички книжевни квалитети. Се смета дека неговиот прототип настанал многу порано од XVII век. Според Дујчев пространото Наумово грчко житие и Второто Наумово словенско житие црпат податоци од непознат постар словенски извор. Повеќе истражувачи творбата му ја припишуваат на охридскиот архиепископ Константин Кавасила од XIII век, кој му посветил и химнографски состави на Наум. Ова пространо житие има сличности со Москополското, но тие не се идентични. (М. Ј.-Т.)

 

 
 
 
 
 
 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1. Средновековна книжевност. Скопје: Гиралда, стр. 152-159; Гергова, Емилия. „Агиографските произведения за Наум – литературни източници и текстови взаемноотношения“. Кирило-Методиевски студии, кн.8, стр. 165-178; Dujčev, Ivan. 1938. „Un manuscrit grec inconnu avec l’acoluthie et la Vie de St. Naum d’Ohrid“. Studia hitorico-philologica Serdicensia 1, 121-124; Златарски, В. Н. 1925. Словенското житие на Св. Наума от XVI век. Списание на Българската Академия на науките, кн. XXX, клон историко-филологичен и филозофско-општествен бр. 17, стр. 1-26; Иванов, Йордан. 1931. Български старини из Македония, София: БАН, стр. 35-313; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2018. Култура и дијалог. Средновековни книжевни контексти. Скопје: ИМЛ, стр. 64-80; Ковачевић, Љубомир. 1885. „Неколико прилога за црквену и политичку историју јужних Словена“. Гласник Српског ученог друштва, књ. 63, стр. 1-4; Лавров, А. Пётр. 1907. „Жития Св. Наума Охридского и служба ему“. Известия ОРЯС, кн. 4, т. XII, Спб., стр. 1-51; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1997. Свети Наум Охридски, Скопје: Епоха, стр. 24-29; Угринова-Скаловска, Радмила. 1985. Житијата на Наум Охридски. Наум Охридски, Охрид: Историски архив, стр. 13-17.