• Наслов

    ПРОГЛАС КОН ЕВАНГЕЛИЕТО

  • Автор

    КОНСТАНТИН-КИРИЛ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • апологија

Опис на делото

Оригинална словенска декламаторска поетска творба на св. Константин-Кирил Филозоф, пишувана како своевиден стиховен вовед кон првиот словенски превод на изборното евангелие во Солун, во 862 година. Постојат и тврдења со претпоставки дека авторот на поетскиот состав би можел да е и Кирилометодиевиот ученик Константин Презвитер. Но авторството на сесловенскиот просветител и поводот за составувањето на творбата јасно се потврдуваат преку декларираното поетско манифестирање дека евангелието побудува сила за борба против тријазичната ерес, културолошко-лингвистичка идеологија која била актуелна при честите полемики и јавни расправи на св. Кирил Филозоф за еднаквоста на јазиците и на народите. Дури и во некои од зачуваните преписи на поетскиот состав во насловот на Прогласот се наведува и името на авторот „Блажениот учител наш, Константин Филозоф“, како што е примерот и во најстариот евидентиран препис на дијак Бунило во Хилендарското евангелие од XIII век (Богдановиќ бр. 23). Мотивската преокупација на поетската творба со 110 стихови претставува апологија за штотуку извршениот словенски превод на изборното евангелие за богослужењето на словенски јазик. Поетски се упатува сесловенската просветителска порака кон сите словенски народи да го чујат Словото, како повик за описменување и градење свест за еднаквоста на словенскиот јазик со другите јазици пред Бога и за културолошкото прелевање на словенските народи во глобалната христијанска цивилизација. Ваквата поетска порака пред предизвиците на времето во периодот од средината на IX век можела да произлезе само од апостолската и филозофската генијалност на сесловенскиот просветител. Како и сите други средновековни поетски состави, така и оваа декламаторска творба не се препишувала во стихови, туку во поврзана писмена форма in continuo. За првпат препис со текстот на поетскиот Проглас бил откриен во 1858 година од Александар Гилфердинг во Евангелие од XIV век со потекло од Пеќската патријаршија (се чува во Санкт Петербург, Руска национална библиотека, Гилфердинг бр. 21). Досега се евидентираат уште три преписи: во споменатото Хилендарско евангелие од XIII век, во Хлудовото евангелие од првата половина на XIV век (Москва, Државен историски музеј, Хлудов бр. 13) и во рускиот ракописен зборник од XVI век (збирка на Троицко-сергиевата лавра бр. 214). (И.В.)

 

Библиографија

Антиќ, Вера. 1976. Од средновековната книжевност. Скопје: Македонска книга, стр. 51-59; Антологија на македонската книжевност (книжевни остварувања од IX до XXI век). 2014. Скопје: ИМЛ, стр. 19-21; Велев, Илија. 2013. Св. Константин – Кирил Филозоф. Скопје: Соларис принт; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 110-112; Велев, Илија. 2016. Свети Кирил и Методиј, рамноапостоли и сесловенски просветители. Скопје: УКИМ, Алпеко груп, стр. 114-118; Илиевски, Петар Хр. 1999. Светила незаодни. Словенските првоучители и нивните ученици. Скопје: Матица македонска, стр. 124-143; Jakobson, Roman. 1954. „St. Constantines Prologue to the Gospel“. St. Vladimirs Seminary Quarterly. New York, pp. 10-23; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 29-33; Срезневский, Измаил И. 1858. „Блаженнаго учителя нашего Константина слово“ в: Известия императорской академии наук по Отделению русского языка и словесности,т. 7, вып. 3. Санкт Петербург: Императорской Академии наук, стр. 145-148; Станчев, Красимир. 1986. „Ритмичната структура на Кириловия Проглас към Евангелието и на произведенията от преславския стихотворен цикъл“ In: Studia slavica medievalia et humanistica. Ricardo Picchio dicata. 2. Roma: Edizioni dell'Ateneo, pp. 645-652; Топоров, Владимир Н. 1979. „Проглас- Константина Философа как образец старославянской поэзии“ во: Славянское и балканское языкознание и письменность. Москва: Наука, стр. 26-46.