• Наслов

    ПАНОНСКИ ЛЕГЕНДИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Популарен назив за двете Пространи (опширни) житија за св. Константин-Кирил Филозоф и Методиј Солунски, кои се сметаат за попрецизни словенски извори при проучувањето на кирилометодиевската сесловенска мисионерска и просветителска дејност. Текстолошката целина на двете Житија популарно е позната под називот Панонски легенди, инертно поттикнато во научната традиција дури и без прифаќањето на тезата на рускиот славист А. Горски дека тие книжевни состави биле напишани во Панонија. Во палеославистиката се има афирмирано општ научен впечаток дека нивните култно-легендарни хагиографски содржини поседуваат висок степен на веројатност и се прифаќаат како најблиски до историската вистина. Отсекогаш биле актуелни прашањата за периодите и за местата кога и каде биле составени двете пространи житија. Во текот на проромантичарските славистички културолошки тенденции преовладуваа хипотетичките мислења дека тие се составиле уште во втората половина на IX век, веднаш по смртта на св. Браќа – на св. Константин-Кирил во 869 и на св. Методиј во 885 година. Во кирилометодиевистиката ставовите за подоцнежното потекло на овие житијни творби често се изолираа и се сметаа како доволно неаргументирани, па дури и се квалификуваа како „непатриотски“. Научната реконструкција за нивното житиеписно потекло јасно се разоткрива преку сообразувањето на општествените, духовните и на културните процеси од периодот на кирилометодиевската дејност со контекстот на историските податливости во содржините на преписите од двете пространи житија. Историските и црковнополитичките околности да се состават житијата за сесловенските просветители биле најсоодветно поттикнати во првата половина на XI век и во Охридскиот духовен и книжевен центар. Тогаш по пропаста на Самуиловото словенско владетелство Византија требала да го поврати порано изгубениот политички и духовен протекторат на просторот од Македонија. Следствено и содржините во житијата биле приспособени на црковнополитички интереси на Византија, зашто требало преку популарноста на светителскиот култ за св. Браќа да се придобие локалната христијанска паства кон византискиот духовен и културен протекторат. Притоа, врз основа на содржините од првите словенски житија за сесловенските просветители составени по нивната смрт во првата половина на XI век се компилирале и текстолошки се приспособиле нови хагиографски состави врз структурните образци на византиските хроники. Затоа и житијните содржини имаат поизразен историско-документарен и биографски опис, отколку култно-легендарен карактер својствен за хагиографскиот жанровски образец. Се евидентира и присуство на белетризирани творечки средства при нивното составување, а се поттикнува и потсилување на доживуваните импресии преку компилирања на други целосни или фрагментарни творби од пренија (полемики), поетски молитвословија, реторички дијалози или пофални и поучни слова – а некои од нив и се сметаат како оригинални книжевни дела на самите словенски просветители. Но и покрај тоа, овие житиеписни состави не можат да служат како веродостојно податливи историски извори. Тие трпеле влијанија од култни, легендарни и од друг вид на византиски црковно-политички тенденции или преосмислувања при нивното содржинско структуирање. Во истражувањата и натаму остануваат отворени суштинските прашања: од кои автори биле текстолошки компилирани новите житиеписни состави во Охридскиот книжевен центар, но и дали нивните протографи биле напишани на византискогрчки јазик и подоцна се превеле на старословенски јазик? Текстот на Пространото житие за св. Константин-Кирил е зачуван во околу 60-тина досега идентификувани преписи во ракописи од јужнословенска и од руска провениенција, датирани од XV век натаму. Меѓу нив се и преписите од 1469 и 1479 година во Загрепскиот и во Рилскиот панегирик, пишувани од Владислав Граматик во манастирот Матејче кај Куманово. Текстот на Пространото житие за св. Методиј Солунски претставува содржинско продолжение на претходното житие за св. Константин-Кирил, зашто во него доминираат биографските податоци за св. Методиј од периодот по смртта на неговиот брат во Рим во 869 година. Тоа е зачувано во околу 20-тина досега идентификувани преписи, кои датираат од XII век натаму. За св. Методиј постои и краток житиен состав (Успение Методиево), што  претставува подоцнежна скратена содржинска варијанта од неговото пространо житие. Се евидентира и заедничко Проложно (кратко) житие за св. Кирил и Методиј, зачувано и идентификувано во 6 јужнословенски или руски преписи  –  датирани меѓу почетокот на XIV и сѐ до XIX век. Околу XIII век култно и книжевно се составило и Кратко житија за св. Константин-Кирил (Успение Кирилово), а подоцна околу XV век била составена и апокрфно-легендарната творба за него со жанровски третман на кратко житие – познато со називот Солунска легенда. (И.В.)

 


Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 63-72; Велев, Илија. 2014. „Ново навраќање кон Панонските легенди како словенски извори за св. Константин-Кирил и Методиј Солунски“ во: Кирилометодиевската традиција и македонско-руските духовни и културни врски. Скопје: УКИМ, 77-85; Велев, Илија. 2016. Свети Кирил и Методиј, рамноапостоли и сесловенски просветители. Скопје: УКИМ; Алпеко груп, стр. 26-35, 169-180; Ламанский, Владимир. 1915. Славянское житие св. Кирилла как религиозно-эпическое произведение и как исторический источник. Петроград: Сенат. Тип; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 55-103; Миловска, Добрила. и Јован Таковски. 1996. Македонската житијна литература IX-XVIII век. Скопје: Менора, стр. 7-25; Миловска, Д. и Таковски, Ј. 1996. Македонски житија IX-XVIII век. Скопје: 25-86; Панонски легенди. 1969. Превод: Радмила Угринова-Скаловска. Предговор: Харалампие Поленаковиќ. Скопје: Македонска книга; Панонски легенди. 2001. Превод: Јован Таковски. Предговор: Добрила Миловска. Скопје: Каприкорнус; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2011. Старословенски кирилометодиевски извори. Скопје: Менора, стр. 6-58; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1997. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност. Скопје: Детска радост, стр. 55-63; Таковски, Јован. 2012. Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија. Скопје: Македонска православна црква; Табернакул, стр. 439-493.