Опис на делото

Најзначајниот досега засведочен книжевен жанр од творештвото на овој Кирилометодиев ученик и непосреден книжевнотворечки соработник на св. Климент и Наум Охридски од крајот на IX и почетокот на X век. Неговото досега евидентирано химнографско творештво го вбројува меѓу најистакнатите македонски и јужнословенски средновековни црковни поети, рамноправно до св. Климент Охридски. Заедно со св. Климент го создале најголемиот оригинален словенски циклус од песнопеења за празниците Раѓањето Христово и Богојавлението. Од нивната заедничка творечка соработка произлегле словенските химнографски дела од составот на Триодот и на Празничниот минеј. Неговото авторство во химнографските творби се засведочени во фразови акростихови. Тој бил откриен како химнографски творец уште во XIX век преку фразовиот акростих во преписот на Канонот од Службата за св. Методиј (се идентификуваат преписи од XIII век во Драгановиот и во Добријановиот минеј). Се претпоставува дека ја напишал во Брегалничкиот книжевен центар, во периодот кога станал брегалнички словенски епископ – реафирмирајќи го култот на св. Методиј во богослужбата меѓу верниците христијани во управната област на неговата Стримонска архонтија од периодот меѓу 845 и 855 година. Оттаму следи и констатацијата дека неговите почетоци од химнографското творештво ѝ припаѓаат на Охридско-брегалничката химнографска школа. Неговото творештво се потврдува и во фразовиот акростих од Канонот за св. Архангел Михаил, кој го пишувал за манастирот „Св. архангел Михаил“ изграден од св. Наум покрај Охридското Езеро. Според содржината се насетува и неговата богослужбена намена за време на упокојувањето на св. Наум, зашто авторот не можел да посвети пригодна химнографска творба за неканонизиран светител – па затоа тоа го сторил во име на славата на духовниот патрон на неговиот манастир, каде што и бил погребан. Негов препис се идентификува во Скопскиот празничен минеј од XIII век (Софија, Народна библиотека бр. 522). Во последните децении беа откриени преписи од повеќе негови химнографски творби. Во текстолошката структура на посниот триод се идентификува оригинален словенски циклус од трипеснени и четирипеснени канони, што содржат околу 450 тропари. Во почетните букви од тропарите се расчита стихотворен акростих, во кој е наведено и името на авторот Константин. Друга слична идентификувана химнографска композициска целост не е забележана ниту во византиската химнографија, што го поставува авторот на самиот врв од поетските творечки вредности. Во структурата на посниот триод се открија уште над 70 седални тропари и стихири, кои се поврзуваат со химнографското творештво на овој автор. Со неговото творештво се поврзуваат и четирите циклуси азбучни стихири за пред и по празнувањето на Раѓањето Христово и Богојавлението, кои ги пишувал во творечка координација со св. Климент Охридски. Во составот на требникот се идентификуваа уште два циклуси од стихири за упокојување и блажени тропари кои се пеат при погребување на свештеник, со фрагментарно зачуван фразов акростих каде што се препознава и името на авторот. Веројатно во составот на требникот како негово авторство бил и анонимниот Канон на 6-ти глас, во чиј фразов акростих не е наведено името на Константин. Постојат и непотврдени претпостави дека негово книжевно дело била и заедничката Служба за св. Кирил и Методиј. (И.В.)

 
 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 197-200; Велев, Илија. 2021. Погледи кон македонската културноисториска традиција. Скопје: ИМЛ, стр. 90-95 ; Велев, Илија. 2021. „Химнографското творештво на Кирилометодиевиот ученик Константин Презвитер“. Спектар, год. 39, бр. 77, стр. 61-70; Кожухаров, Стефан. 2004. Проблеми на старобългарската поезия. София: Боян Пенев, стр. 45-59; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 155-164; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Од македонското книжевно минато. Скопје: Менора, стр. 175-182. Попов, Георги. 1978. „Новооткрита оригинална старобългарска част в текста на триода“. Български език, бр. 6, стр. 497-507; Попов, Георги. 1982. „Новооткрити химнографски произведения на Климент Охридски и Константин Преславски“. Български език, бр. 1, стр. 3-26; Попов, Георги. 2001. „Службата на славянския първоучител Методий во Хлудовия миней 156“.Старобългарска литература, кн. 32, стр. 3-20; Попов, Георги. 1985. „Триодни произведения на Константин Преславски“. Кирило-Методиевски студии, кн. 2. София: БАН; Шопов, Димитар. 1970. „Две поетски творби на Константин Брегалнички за епохалното дело на словенските првоучители“. Кирил Солунски, кн. 1. Скопје: 281-293.