• Наслов

    СЛОВЕНСКА СЛУЖБА ЗА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Култно-поетски и богослужбен воспевен книжевен состав кој ги афирмирал славата и споменот за најдоследниот следбеник на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј. Се смета дека првата словенска оригинална химнографска творба за св. Климент настанала во Охридската книжевна школа, набргу по неговото упокојување во 916 година. Неговото рано официјализирање како светител се засведочува во Сводната грамота на Зографскиот манастир од 919 година, како и со кратките црковни календарски вести во месецословот на Асемановото евангелие од крајот на X век. Химнописецот бил негов ученик, кој се послужил и со поетските позајмувања од творештвото на својот Учител. Името на авторот останало анонимно, зашто во единствениот зачуван препис на Службата во празничен минеј од 1435 година (Софија, Народна библиотека бр. 122) не се расчитува акростих со неговото името. Но постојат и претпоставки дека во нејзиниот протограф постоел впишан фразов акростих, а поради текстуалната и структурната еволуција на творбата во зачуваниот препис веќе тој бил значително нарушен. Сепак во преписот се одразил архаичниот прототип како задржана основа од старословенската протоформа. Во истиот ракопис се евидентира и преписот на општите служби, чиј автор е св. Климент. Преписот на Службата се извршил заедно со Службата за св. Пантелејмон, светителскиот патрон на Светиклиментовиот манастир и чии светителски спомени се празнуваат на истиот ден 27 јули/9 август. На тој начин се истакнало обединувањето на манастирскиот и на Светиклиментовиот култ, а во структурите на двете служби приближно се застапил еднаков химнографски репертоар со песнопеења. Словенската служба се типологизирала според општиот воспоставен канонски образец, при што трпела и извесни компилации со директни позајмувања од византиското химнографско творештво. Таков е примерот со богородичните тропари и со ирмосите во песните на неговиот Канон, чиј протоизвор се идентификува во каноните на византискиот химнограф Јоан Дамаскин (650 – пред 754). Исто така, текстолошката анализа ја докажува и поврзаноста со образецот на Службата за пренесувањето на моштите на св. Јоан Златоуст, особено со примерот на славата по хвалитните стихири од византиската творба и славата по стихирите на Господи возвах во Службата за св. Климент. Се смета дека ваквото структурно напластување со извесните компилации настанало подоцна, откако по 1230 година Светиклиментовите мошти биле положени во специјална кутија (ракла) при реставрацијата на неговиот манастирски храм на Плаошник – или во почетокот на XV век, кога се разурнал храмот од турските завојувачи и моштите на светителот биле пренесени во охридската црква „Св. Богородица Перивлепта“ („Нов св. Климент“). (И.В.)


Библиографија

Велев, Илија. 2017. „Химнографските состави за свети Климент Охридски во богослужбената и во книжевната традиција“ во: Милениумското зрачење на св. Климент Охридски. 1100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски. Скопје: МАНУ, 123-128; Велев, Илија. 2021. Погледи кон македонската културноисториска традиција. Скопје: ИМЛ, стр. 70-77; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2002. Оригиналните книжевни состави во македонскиот XV век. Скопје: ИМЛ, стр. 133-135; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 170-176; Мирчева, Бойка. 2000. „Службата на св. Климент Охридски в празничен миней 122 от Народната библиотека „Св. св. Кирил и Методий“ в София“. Старобългаристика, год. 24, бр. 2, стр. 73-84; Пандев, Димитар. 2007. Охридска читанка или Светиклиментова средновековна читанка: охридска и македонска, општословенска и југоистичноцентралноевропска. Охрид: Летра, стр. 59-61; Поленаковиќ, Харалампие. 1966. „Два прилога за Климент Охридски“. Стремеж, бр. 3, стр. 51-57; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2007. Средновековна македонска химнографија (IX-XIII век). Скопје: Менора, стр. 131-140; Trapp, Erich. 1982. „Die sieben Slavenapostel in der Liturgischen Dichung“. Analecta Bolfandiana, 100, 469-489.