• Наслов

    ХИМНОГРАФСКИ ТВОРБИ ЗА ПРЕП. НАУМ ОХРИДСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • химнографија

Опис на делото

Култно-поетски и литургиски песнопеења посветени во спомен и слава на овој македонски и сесловенски светител и просветител. Настанувањето на литургиската поезија се поврзало со неговото официјално канонизирање за светител, кое се случило подоцна од она на св. Климент Охридски. Се смета дека неговиот светителски култ почнал да проникнува во периодот од Самуиловото Царство на преминот од X во XI век, а како иницијатор за неговото црковно празнување со богослужење на денот на неговото успение (23 декември/5 јануари) се смета охридскиот архиепископ Константин Кавасила. Останува произволно секое тврдење дека за него се составила оригинална словенска служба уште во X век, зашто тоа не е поткрепено со каков и да е препис, или со раното застапување на неговиот спомен и слава во кратките календарски вести на месецословите. Документираното сведоштво за составување химнографски творби за преп. Наум Охридски со сигурна светителска атрибуција потекнува од средината на XIII век, кога актуелниот охридски архиепископ Константин Кавасила напишал два Канони за пеење на 1-ви и на 4-ти глас. Авторството на химнописецот е засведочено во акростих, чија целосна текстолошка фраза последователно била запишана во тропарите од песните на двата канони. Веројатно овие два Канони биле дел и од првобитната структура на византиската Служба за преп. Наум, при што постојат и мислења дека извесни песнопеења биле составени и од друг химнописец близок до охридскиот архиепископ. Службата била наменета за 23 декември, денот кога се празнувало упокојувањето на светителот. Бидејќи празнувањето било непосредно пред големите Божиќни празници, во структурата на Службата бил застапен и трет Канон за претпразненството на Раѓањето Христово. Во зависност од богослужбената намена и од бројните преписи, подоцнежни химнописци вршеле различни интервенции со дополнувања и скратувања во нејзината структура. Особено влијание извршило и преместувањето на празнувањето за преп. Наум од 23 декември на 20 јуни (3 јули по нов стил), што се случило на Црковно-народниот собор во 1727 година по иницијатива на охридскиот архиепископ Јоасаф. Впечатливо е што се констатира различна структура од застапени песнопеења во секој поединечен препис или печатено издание на Службата, а секоја посебно од нив одразува своевидна текстолошка варијанта која трпела приспособени интервенции во содржината поради различните и повеќеслојни култни или теолошки мотивирани односи кон преподобниот. Попрецизните анализи врз преписите истакнуваат класификација на четири развојни структурни редакции. Првите две редакции се однесуваат на литургиското приспособување според празнувањето и богослужбата на 23 декември, денот на упокојувањето на преп. Наум. Останатите две ги презентираат химнографските циклуси според народното празнување и богослужбата на 20 јуни. Византискиот химнографски циклус за преподобниот се проширил уште со два состави: Канон – панихида и Молебен канон. Првиот го составил охридскиот архиепископ Григориј во почетокот на XIV век, кој се исполнувал на 23 декември на гробот на св. Наум во неговиот манастирски храм – поддржувајќи го култот кон неговите мошти и кон народните верувања за нивната чудотворност и исцелителност. Во 1800 година Молебниот канон го составиле корчанскиот и москополски митрополит Јоасаф и архимандритот Јосиф. Не е познато кога точно настанал црковнословенскиот превод на Службата за преп. Наум Охридски. Во отсуство на оригинална словенска Служба за св. Наум Охридски, црковнословенскиот превод послужил како своевидна партиципација во словенската богослужба и била најблиска до композициската структура на т.н. Втора текстуална редакција. Во кичевската црква „Св. апостоли Петар и Павле“ се чува препис од 1931 година на Службата за преп. Наум Охридски со преводот на Калистрат Зографски, каде што се застапени уште два химнографски состави: Молитва кон преп. Наум за оздравување на болни и Акатист за преп. Наум Чудотворец. (И.В.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 2017. Културноисториски проникнувања. Скопје: Гирланда, стр. 122-134; Велев, Илија. 2010. „Химнографските состави за преподобен Наум Охридски во богослужбената традиција“ во: Свети Наум Охридски и словенската духовна, културна и писмена традиција. Скопје: МАНУ, стр. 119-128; Георгиевски, Михајло. 1995. „Службата, Акатистот и Молитвата на св. Наум Охридски во новооткриените ракописи од Македонија“ во: Светите Климент и Наум Охридски и придонесот на Охридскиот духовен центар за словенската просвета и култура. Скопје: МАНУ, стр. 175-202; Йовчева, Мария. 2003. „Служби за Наум Охридски“ во: Кирило-Методиевска енциклопедия, т. 3, П-С. София: „Марин Дринов“, стр. 676-680; Меловски, Христо. 1996. Москополски зборник. Пролошки житија на светци. Скопје: Догер, стр. 69-95; Наумов, Александар. 2010. „Церковнославянская служба равноапостольному Науму Охридскому Index Hymnorum“ во: Свети Наум Охридски и словенската духовна, културна и писмена традиција. Скопје: МАНУ, стр. 93-104; Николова, Светлина. „За един непознат препис на Службата на св. Наум Охридски“ во: Хиляда и осемдесет години от смърта на св. Наум Охридски. София: БАН, стр. 31-57; Николова, Светлина. 1995. „Охрид като център на богослужебната прослава на св. Наум Охридски“ во: Светите Климент и Наум Охридски и придонесот на Охридскиот духовен центар за словенската просвета и култура. Скопје: МАНУ, стр. 261-271; Ристески, Стојан и Гоце Ангеличин-Жура. 2005. Охридски митрополитски кодекс. Охрид; Trapp, Erich. 1981. „Die Akoluthie des Hl. Naum von Ochrid (Eine Analyse)“. Byzantine Studies, 8 (1984-1985), стр. 395-404.