• Наслов

    ВЕРКОВИЌЕВ АПОСТОЛ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XIV век. Содржи 99 пергаментни листови напишани од еден книжевник, со кирилско старословенско писмо. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од скрипторски центар на Кратовската книжевна школа. Според содржинската структура претставува апостол апракос, односно содржи четива од полниот текст на апостолот, скратени и распоредени според потребите на богослужбените цели, и месецослов во кој се содржани неподвижните празници, наведени според црковниот годишен циклус. Текстот започнува со средината на четивото за саботата од третата недела по Велигден (Дејание IX, 25-26). Во месецословот се запазени празнувањата на Кирил Солунски  (14 II), Св. Методиј  (6 IV), Јован Владимир (22 V) и др. На маргините од ракописот се запишани девет белешки од препишувачот на апостолот. Овој ракопис се наоѓал во збирката на Стефан Верковиќ, поради што е познат како Верковиќев апостол. Се чува во Руската национална библиотека во Санкт Петербург, сигн. q.N.1.46. (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 1996. Македонскиот книжевен XIV век. Скопје: Веда; Новотни, Соња и Михајло Марковиќ. 2019. Верковиќев апостол: (правописни и фонетско-фонолошки особености). Скопје: Култура; Алфа '94; Десподова, Вангелија. 1974. „Кон записите во еден апостол“. Slovo, br. 24, стр. 221–230; Десподова, Вангелија. 1983. „Македонски писмени споменици во Ленинградските библиотеки“, Македонистика, бр. 3, Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков"; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија. 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1.Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура.