• Наслов

    ЗАГРЕПСКИ МАКЕДОНСКИ ТРИОД

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XII или почетокот на XIII век. Содржи 196 пергаментни листови напишани од двајца книжевници, со кирилско старословенско писмо. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Охридската книжевна школа. Претставува еден од најзначајните македонски литургиски споменици во кој е одразена јужносвловенската химнографска традиција. Според содржинската структура претставува посен и цветен триод од посебен скратен тип. Овој триод содржи архаична форма на текстолошка редакција типична за најраниот период од развојот на словенската писменост. По утрената не се застапени „часовите“ туку веднаш доаѓа вечерната од истиот ден. На вечерната се изоставени паримиите со прокимените, а нема ни поученија. Во ракописот се споменуваат имињата на Св. Кирил и Методиј. Застапени се неколку подоцнежни записи, без позначајна содржина. Овој ракопис е откриен во Битола, а по Втората светска војна е однесен во Архивот на Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб, сигн. IV d 107. (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија, Макаријоска, Лилјана, Црвенковска, Емилија. 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков", Штип: 2-ри Август С; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Македонска книжевна традиција. Скопје: ИМЛ; Црвенковска, Емилија. 1999. Загрепски триод, Стари текстови, кн. 7. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“.