• Наслов

    ЛЕСНОВСКИ ПРОЛОГ

  • Автор

    СТАНИСЛАВ ЛЕСНОВСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис од 1330 г. Содржи I+320 пергаментни листови, напишани од тројца книжевници: Станислав, неговиот ученик Партенија и еден анонимен книжевник. Според правописните и јазичните особености ракописот е произлезен од Лесновскиот книжевен центар. Според содржинската структура е од типот на целосни пролози со кратки житија и помени за сите месеци и денови од црковната година, според типот на Константин Мокисијски, главно присутна во руското ракописно наследство. За секој ден се запишани имиња на светители, а за некои има напишано и кратки житија или само тропари. Во него се застапени проложни житија за Св. Гаврил Лесновски, за руските Св. мач. Борис и Глеб, како и оригинални словенски творби во кои се слават помените за Св. Кирил Солунски, заедничкиот помен на Св. Кирил и Методиј, поменот за бугарскиот цар Петар и др. Житието на Св. Гаврил Лесновски ја одразува втората текстуална варијанта која претставува најстар досега евидентиран препис на оваа оригинална творба.На крајот од ракописот (л. 320 об. и дел од л. 321) се наоѓа подолг запис, во вид на поговор во којшто се наведуваат податоци за пишувачот на ракописот (Станислав ), за нарачателот (егуменот на Лесновскиот манастир Теодосиј) и за периодот кога е пишуван (во времето на злетовксиот жупан Драгослав и српскиот крал Стефан Урош). Низ ракописот се јавуваат и други записи од книжевникот.Напишан е во Лесновскиот манастир, според што го добил и името. Во науката е познат и како Станиславов пролог по името на главниот пишувач Станислав. Се чува во Архивот на Српската академија на науките и уметностите во Белград, сигн. № 53. (С. П.-Ѓ.)

 
 

Библиографија

Велев, Илија. 1991. „ Книжевната дејност на Станислав Лесновски “. Македонска средновековна книжевност. Скопје: Македонска книга; Нова Македонија; Велев, Илија. 1996. Македонскиот книжевен XIV век. Скопје: Веда; Велев, Илија. 1996. Св. Гаврил Лесновски во книжевната традиција. Скопје: Менора; Велев, Илија. 1997. Лесновскиот книжевен центар. Скопје: Мисла; Велев, Илија. 2013. Записи и натписи од Лесновскиот книжевен центар. Скопје: ИМЛ; Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2013. Ракописното наследство од Лесновскиот и од Марковиот манастир. Скопје: ИМЛ; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Конески, Блаже. 1977. „За Станиславовиот пролог“. Прилози ‒ Одделение за лингвистика и литературна наука 2, бр. 1-2, стр. 5-23; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1997. Скрипторски центри во средновековна Македонија. Скопјe: ИМЛ; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2004. Творци на македонската литература (IX–XVIII век), Скопје: ИМЛ.