• Наслов

    МАКЕДОНСКИ КИРИЛСКИ ЛИСТ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во втората четвртина на X век, произлезен од Охридската книжевна школа. Овој лист е изваден од подврзијата на друг понов ракопис, и е многу оштетен поради што е доста нечитлив. Во науката постојат повеќе мислења за содржината на листот и на целиот непознат ракопис. Според Измаил И. Срезенски, ракописот содржел дел од прологот на Јован Егзарх кон неговиот превод на „Богословието“ на Јован Дамаскин. Андре Вајан смета дека содржи дел од предговорот на Св. Кирил кон преводот на Изборното евангелие, додека Франтишек Вацлав Мареш смета дека овој лист е фрагмент од поговорот на Св. Методиј по завршувањето на целосниот превод на Библијата. Пронајден е од страна на рускиот историчар Александар Ф. Гилфердинг во 1868 г., на територијата на Македонија, според што е познат како Македонски кирилски/гилфердинов лист. Гилфердинг овој лист му го подарил на Измаил И. Срезневски. Се чува во библиотеката на Руската академија на науките во Санкт Петербург, заедно со останатите ракописи на Срезневски, ф. 63., сигн. 24.4.16. (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Георгиевски, Михајло. 1979. Македонското книжевно наследство од XI до XVIII век: преглед. Скопје: „Просветен работник“; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија. 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Ильинский, Григорий Андреевич. 1906. Македонскій листокъ ‒ отрывокъ неизвѣстанго памятника XI-XII в. Отдѣленія русскаго яазыка и словености императорской академіи наукъ. С. Петербургъ; Мареш, В. Франтишек. 1983. „Потеклото на текстот на Македонското кирилско ливче“. Slovo, 32-33, стр. 5-14; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век, кн .1, Археографски опис. Скопје: МАНУ, Кочани: Европа 92.