Византиски мисионер, сесловенски просветител, кодификатор на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик, устроител на првото словенско писмо – глаголицата, филозоф и книжевен творец. Во историографијата малку е познато за неговиот животен и творечки пат, зашто зачуваните извори имаат над сѐ легендарен или култен карактер, но и во тој период не било вообичаено да се составуваат автобиографии или биографии за истакнатите дејци. Тој бил роден во Солун како седмо дете на византискиот друнгариј (помошник на солунскиот градоначалник) Лав и на неговата жена Марија. Мирското име му било Константин, а при крајот на својот живот во Рим го добил и монашкото име Кирил. Во младоста за свој „учител и просветител“ го сметал црковниот отец Григориј Богослов (330 – 390). По завршувањето на Магнаурската школа се стекнал со титулата „филозоф“, што ја добивале само одбрани учени лица. Станал секретар на вселенскиот патријарх и библиотекар во соборниот храм „Св. Софија“ во Константинопол, а по кратко време заминал во манастир на Босфор. Набргу се вратил како предавач по филозофија во Магнаурската школа. Бил ангажиран во креирањето на политичкиот, духовниот и на културниот живот во Византија, при што уште во 851 или 855 година ја предводел Сараценската (Арапска) мисија. Според некои легендарни извори се претпоставува дека околу 855 година во слична улога се појавил и во Стримонската архонтија управувана од брата му св. Методиј , за да му помогне да ја задржи византиската лојалност на словенското население при бугарските завојувања кон Македонија. Набргу Методиевото словенско кнежество и евентуално поттикнатата „Брегалничка мисија“ доживеале воен и политички крах, при што своевидниот словенски просветителски процес останал нереализиран. Следната мисионерска дејност ја имал со брата си св. Методиј во 860/861 година во Хазарија, за да ги неутрализираат конфронтациите меѓу теолошките идеи на еверејството, мухамеданството, христијанството и паганството. Патем подготовките за Мисијата ги направиле во Херсон, каде што ги нашле моштите на св. Климент – папата Римски († 97/101). По тој повод св. Константин-Кирил му посветил три оригинални творби на светителот: Канон, Историски расказ и Пофално слово. По Хазарската следела сесловенската Моравска мисија (863 – 885), која резултирала со афирмација на третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, веднаш по римолатинската и по византискогрчката.
Подготовките за сложената политичка и догматско-идеолошка црковна поставеност на Моравската мисија и на сесловенското просветителство се вршеле во неговиот роден град Солун. На самиот терен од околината на Солун се користиле словеномакедонските јазични говорни искуства, за врз основа на нив да се кодифицира општ словенски богослужбен и книжевен јазик – но и врз основа на нивниот гласовен систем, фонетски да се устрои првата словенска азбука глаголицата. Применетата филолошка вештина придонела кодифицираниот старословенски јазик да биде разбирлив во сите словенски средини, но и успешно да ја врши трансмисијата на верските евангелски пораки со кои словенските народи требало да се христијанизираат. Се успеало да се поттикне културолошката мисија – како јазик посредник, старословенскиот да стане рамноправен во богослужбата и во книжевноста со византискогрчкиот и со римолатинскиот. Истовремено се почнало и со сдловенското преведување на нужните богослужбени книги: избори од евангелието, апостолот, псалтирот и од неопходните служби.
Во 867 година настапиле нови состојби кои предизвикале згаснување на византискиот политички и црковен источнохристијански карактер на Моравската мисија. При принудното повлекување кон Венеција, св. Константин-Кирил се судрил со протагонистите на тријазичната теорија и ерес. Во познатата негова Венецијанска беседа тој го истакнал правото да се богослужбува и книжевно да се пишува на словенски и на други јазици, афирмирајќи го новиот хуманизам за рамноправноста на јазиците и за еднаквоста на народите. При поканата од папата во Рим следеле римопапскиот благослов на словенските книги, дозволата да се богослужбува на словенски јазик, како и ракополагањата на словенските ученици во свештеници. Стартувал и културолошкиот амбиент меѓу апостолските словенски средини да се почне со словенската богослужба и писменост. По краткиот престој во Рим, св. Константин-Кирил тешко се разболел. Пред крајот на животот го примил монашкиот образ со името Кирил. По 50 денови тешко боледување умрел на 14 февруари 869 година. Прогласен е за светител од Источноправославната и од Римокатоличката црква, а во 1980 година папата ги прогласи со брата му св. Методија за светители – копокровители на Европа.
Книжевното творештво го почнал на византискогрчки јазик, а при сесловенската просветителска дејност пишувал на старословенски јазик и со глаголичко писмо. Со најраното книжевно творештво се позврзуваат неколкуте молитвословија, пишувани во декламаторски вид на поетски состави: Молитвата кон Григориј Богослов, Молитвата кон Бога пред заминувањето во Константинопол, како и Претсмртната молитва. Тие се поместени во содржинската структура на неговото Пространо житие. Постојат претпоставки дека би можело да ги составил самиот житиеписец, а во функција да се велича неговиот светителски и просветителски култ. Но се мисли и дека пишувачот на житието користел лични поетски молитвословија пишувани од светителот. Неговото книжевно творештво се поврзува и со авторската полемичка еродиција, пренесено фрагментарно во содржината на Пространото житие: бројните догматски расправи, венецијанската Беседа против тријазичниците, и сл. Подоцна св. Методиј ги превел полемичките творби од византискогрчки на старословенски јазик. Исто така, старословенски превод доживеале Расказот и Пофалното слово за св. Климент папата Римски, кои во подоцнежните преписи структурно се компилирале во еден состав. Од Канонот за св. Климент папата Римски во преписите само се идентификуваат компилирани фрагменти во општиот химнографски состав. Доминира мислењето дека и декламаторската поетска творба Проглас кон светото Евангелие е негова оригинална творба. Со неговото книжевно творештво се поврзува и составот Слово за преводот, што ги одразува теоретските погледи за словенската преводна постапка. Преписот е зачуван во познатото Македонско кирилично ливче од X/XI век. При крајот на својот живот напишал уште една компилативно-преводна творба со догматска содржина: Слово за вистинската вера. Стекнатиот голем авторитет на филозоф, сесловенски просветител и писател остави простор со поголема и со помала веројатност нему да му се припишуваат и други различни книжевни дела: Азбучната молитва, Прашања и одговори, Премудрост на св. Кирил Филозоф, Пасхалија, Молитва за покајание, Канон за пеење во секој ден, и други. (И.В.)