раскажувач, романсиер, историограф, публицист и сценарист. Со својата опсесивна посветеност на историската тематика, Абаџиев е родоначалник на македонската историска проза и, заедно со
Стале Попов , ги одредува појдовните насоки во позиционирањето на македонската уметничка прозна реч спрема официјалната историографија и интерпретациите на историјата.
Ѓорѓи Абаџиев ја доживеал судбината на емигрант. На петгодишна возраст, заедно со семејството и со своите сограѓани, бил принуден да го напушти Дојран поради целосното разрушување на градот за време на Првата светска војна. Повеќе од три децении живеел во емиграција во Бугарија. Средно образование завршил во Горна Џумаја (Благоевград), а студирал на Правниот факултет во Софија (1934 – 1939), кога и се вклучил во активностите на организациите на прогресивната македонска емиграција во Бугарија. Соработувал со весникот „Македонски вести“ (Софија, 1935/1936), во кој се застапувале идеите за независна Македонија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок (1938 – 1942), заедно со
Никола Вапцаров ,
Антон Попов ,
Михаил Сматракалев (Ангел Жаров) , Кирил Николов, Асен Шурдов и
Димитар Митрев . Во 1936 г. ја објавил својата прва коавторска книга на бугарски јазик
Труд и луѓе, со тема од животот на индустриските работници. Бил член и на Македонскиот литературен кружок „Никола Вапцаров“ (1946/1947). Во 1948 г. се вратил во Македонија и развил плодна писателска и историографска дејност. Учествувал во основањето на Институтот за национална историја и бил негов повеќегодишен директор. Бил еден од првите седум членови на Друштвото на писателите на Македонија (од 1948). Првата негова литерарна објава во Македонија е расказот „Двајца другари“ (1948, во зборникот
Илинден). По катастрофалниот земјотрес во Скопје бил евакуиран во Куманово, каде и умира. Датумот на неговата смрт, 2 август – Илинден, симболички ја обележува неговата борба за независна Македонија. Подоцна, неговите посмртните останки се пренесени на скопските гробишта.
Со оглед на времето во кое се јавува, прозата на Абаџиев може да се третира и како запишана историја на колективната меморија со сите нејзини историски, етнички, регионални, идеолошки и други околности, заблуди и предрасуди што припаѓаат на одреден, временски и просторно дефиниран, социокултурен контекст. Таа е обележана со првичност и може да се разбере и како литературен обид за меморирање на минатото, па оттука создава илузија на историска реалност.
Расказите на Абаџиев (како и романите
Арамиско гнездо и
Калеш Анѓа) се пишувани по примерот на нарацијата на народниот раскажувач. Најпознатите, оние што се посветени на Гоце Делчев, ја користат постапката на поставување на историскиот лик во одредена животна ситуација и во различни анегдотични констелации. Користејќи ја историски веродостојната синтагма „летечки ѓавол“ употребувана од Османлиите, Абаџиев ја литераризира веќе востановената хероизирана слика во народната меморија за овој лик, глорифицирајќи ги неговата остроумност, вештината на маскирање и подготвеноста на ризик. Расказот „Табакерата“ навестува еден поинаков однос кон историјата и историското, карактеристичен за романот
Пустина , со внесување на психолошки момент при средбата на Гоце Делчев и Сулејман-бег. Тука се надминува стереотипот, а ликот на непријателот е претставен како морално чесен и праведен млад интелектуалец. Хуманистичката визија на идејата за македонската национална слобода и идеите на Младотурската револуција ја отвораат можноста за едно поинакво констелирање на ситуациите од традиционалното, а процесот на симболизација, кој се изведува преку предавањето на табакерата, ги отвора патиштата на новата модернистичка естетика. Во таа насока се движат и расказите „Двајца другари“, „Ножот“, „Господинот Модијано“, во кои факцијата и фикцијата се елементи на организацијата на нарацијата.
Романот
Арамиско гнездо се повикува на идеологизираната меморија проектирана во колективната свест и на официјализираните етнички, социјални и културни вредности. Општиот систем на идејната слика на светот го сочинува идеолошкото ниво, кое пак е најопштото ниво од кое се вреднуваат нештата. Доминантна гледна точка е онаа која, според веќе востановената слика, ја споделува народот, па станува збор за монолошка организација на романот. Овој роман може да се вброи во видот животни приказни и ја предава сторијата на ликовите Мануш и Трајко, поврзана со ајдутството како историска појава. Користејќи ја техниката на објективен набљудувач, нараторот создава илузија на објективно регистрирање на фактите, кои како да произлегуваат од реално реконструираните услови на општественото живеење во период на османлиското владеење во Македонија. Во романот
Пустина минатото е можност да се откријат „темните места“ во историските случувања и припаѓа на типот историски роман со алтернативна, псевдоисториска фикција. Она што овој роман го чини различен од претходниот повеќе се однесува на наративните дискурзивни постапки, а не на идејното и идеолошкото позиционирање во однос на официјалната историографија кон гемиџиството. Повеќе станува збор за тоа дека официјалната историографска перспектива се надградува со психолошката, а дилемата произлегува од различните сфаќања на тероризмот.
Добитник е на наградите: Награда од Владата на НРМ за неговата проза (1948) и на „11 Октомври“ (1961) година за романот Пустина. (Л.Г.Ј.)