• Наслов

    СТЕМАТОГРАФИЈА

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Преводно-компилативна бакрорезна книга на дојранчанецот Христофор Жефаровиќ и виенскиот уметник Томас Месмер, печатена во Виена во 1741 година. Изворното издание се случило во Виена во 1701 година на латински јазик, а го подготвил хрватскиот писател Павел Ритер Витезовиќ. Самиот назив на книгата Стематографија означува опишување на грбови и родослови, која како културолошки предизвици ги има предвид просветителските идеи за претставување на древните етногенетски илирски идентитети на балканските народи. Првиот дел од книгата претставува своевиден Албум со портрети на 24 јужнословенски светители и владетели, меѓу кои на св. Методиј Солунски, св. Наум Охридски, св. Климент Охридски и на охридскиот архиепископ Теофилакт. Следи Похвално стихословие од 110 стихови за нарачувачот на изданието, патријархот Арсениј IV. Вториот дел е хералдички, каде што се претставени грбовите на 56 посебни народи – секој од нив проследен со четиристишна строфа, која ги воспева карактеристиките на земјата заедно со потеклото и смислата на грбот. Во хералдичкиот состав на лист 27 е застапен и грбот на Македонија, под кој е запишана посебна четиристишна строфа. Содржината завршува со Похвално стихотворение за Христофор Жефаровиќ, напишано од Павел Ненадовиќ. Стематографијата ги поттикнала патриотските идеали кај повеќето балкански народи, при што станала мошне популарна како изворна инспирација за преродбенските идеи кај Јужните Словени. (И.В.)

 

Библиографија

Ангелов, Боню. 1983. Старобългарско книжовно наследство. София: Наука и изкуство; Велев, Илија. 1997. Кирилометодиевската традиција и континуитет. Скопје: ИМЛ; Георгиевски, Михајло. 1997. Прилози од старата македонска книжевност и култура. Скопје: Менора; Прилеп: Институт за старословенска култура; Кајдамов, Костадин. 1996. Христофор Жефарович. Дојран: ОУ "Кочо Рацин"; Колендић, Петар. 1931. „Жефаровић и његови бакрорези“. Гласник историјског друштва у Новом Саду, књ. 4, св. 1. Сремски Карловци: 35-45; Матковски, Александар. 1972. „Христофор Жефаровиќ“. Историја, бр. 1. Скопје: 142-155; Поп-Атанасов, Ѓорги, Илија Велев и Маја Јакимовска-Тошиќ. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII век). Скопје: ИМЛ; Радев, Иван. 1980. „За съдржанието на „Стематографията“ от Христофор Жефарович“. Старобългаристика/Paleobulgarica, бр. 4. София: 58-62; Руварац, Димитрије. 1908. Још нешто о Стематографии и Христофора Жефаровића. Сремски Карловци: Паја Марковић Адамов.