• Наслов

    ЖИТИЕПИСНИТЕ ТВОРБИ ЗА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Познати се преку две грчки житија, и тоа грчкото Опширно житие од охридскиот архиепископ Теофилакт (од 1078 до 1108), што датира од XI век и второто е Краткото житие на Св. Климент од охридскиот архиепископ Димитар Хоматијан (1216 – 1235) од XIII век. Постоело и опширно заедничко словенско житие за Св. Климент и Св. Наум, напишано од нивен ученик и соработник, што денес не е зачувано. Податок за негово постоење добиваме од Првото словенско кратко Наумово житие од X век, пишувано од анонимен ученик на Св. Наум, по барање на деволскиот епископ Марко.

Преку грчките житија со кои се афирмира култот на Св. Климент – охридските архиепископи, по народност Грци (Теофилакт и Хоматијан), сакале да го заштитат интегритетот на својата диецеза и да го зачуваат статусот на Охридската архиепископија како афтокефална црква. Пространото житие на Св. Климент од Теофилакт претставува значен, во голема мера историски извор, за дејноста на Солунските браќа Кирил и Методиј, за словенската писменост и за Климент Охридски. Се работи за оформен хагиографски труд со посебен однос кон светителот. Пишувајќи го пространото Климентово житие на грчки јазик според канонот на Симеон Метафраст и врз основа на словенското житие (кое не стигнало до нас) и на усни преданија, тој го прославува овој светител според нормите на византиската традиција. Грчкото пространо житие на Св. Климент познато е во девет ракописи. Познати се три полни преписи: 1. Охридскиот, т.е. Московскиот, најден во Охрид од В. И. Григорович и однесен во Москва, сега во Државната библотека под бр.113; 2. Ватопедски бр. 1134, во зборник од XIII-XIV век, и 3. ракопис бр. 2 од Универзитетската библиотека на Урбана во Илиноис. Се знае дека постоел и четврти полн ракопис од манастирот „Св. Наум“, што е изгубен, но од којшто се изготвени изданијата на Григориј Константинидис и на монахот Михаил Гора во Москополе (1741/2) и Виенското издание на Амвросиј Пампериј од 1802 г. Шест од преписите се фрагментарни: Ватиканскиот, бр.1409 од XII – XIII век; Ракопис од XV век од библиотеката на Иверскиот манастир на Света Гора, бр. 382; два ракописи бр. 280 и бр. 274 од XVI век од манастирот „Св. Дионисиј“ на Света Гора; ракописот бр. 43 од XIV век во библиотеката „Анжелика“ во Рим и ракописот бр. 83 од XVI век од Народното собрание во Атина. Постојат бројни печатени изданија, од кои најстаро е од 1665 од Лав Алациј, кој печати три извадоци од житието. Значајни се и изданијата на А. И. Меншчиков од 1885 г. со паралелен руски превод, изданието во Patrologia Graeca од Мињ (Migne) со паралелен латински превод, изданието на Н. Л. Туницки од 1918 г. според Московскиот препис, ракопис којшто во 1966 г. фототипно го издава И. Снегаров, преводот на Д. Т. Ласков и А. Милев на бугарски јазик од 1966 г., словачкиот превод на Јан Станислав од 1950 и др. На македонски јазик најстаро издание со превод на делови од житието дава Архимандритот Партениј Зографски во 1858 г.; понатаму се јавува преводот од 1966 г. на протојереј Климент Малески и Филип Каваев според изданието на А. Милев; Христо Меловски во 1996 г. прави превод врз основа на житието од Москополското издание; В. Недевски во 2016 г. прави превод од грчки на современ македонски јазик според критичкото издание на Г. И. Илиев од 1994 г.

Димитар Хоматијан го пишува краткото житие на Св. Климент Охридски, познато како Охридска легнеда, кое е зачувано во две варијанти: грчка и старословенска. Се претпоставува дека житието е пишувано на грчки, но веднаш делото било преведено на словенски од самиот автор или од друг анонимен преведувач. При составување на житието Хоматијан го користел Опширното житие на Св. Климент на Теофилакт, како и други писмени и усни извори. Житието е поместено по шестата песна на еден од Хоматијановите канони што се посветени на Св. Климент. Постојат пет преписи на грчката варијанта од Краткото житие на Хоматијан: 1. Најстариот од XIII-XIV век, пронајден од В. Григорович во Охрид, којшто се чува во Москва, во Државната библиотека Ленин, во збирката на Григорович; 2. Шафариков препис, направен од Георги Курциус (1820 – 1885) врз основа на непознат препис. Се чува во Прага, во архивскиот фонд на П. Ј. Шафарик, сигн. 14 H 40; 3. Бодлев препис, порано сопственост на охриѓанецот Ѓорги Бодлев; 4. Пантелејмонов препис, од збирката на манастирот „Св. Пантелејмон“ во Света Гора; 5. Препис од библиотеката на манастирот Протат на Света Гора, бр. 40 (55). Од словенската варијанта се зачувани два преписи: Чакаров препис, порано сопственост на стружанецот Александар Чакаров и Зографски препис од збирката на Зографскиот манастир, бр. 47. Од Краткото житие на Св. Климент познати се изданијата: Првото од 1746 г. во Москополе, потоа второто во 1819 г., издание на Никодим Светогорец, според првиот светогорски препис. Во 1847 г. В. Григорович го објавува првиот охридски препис, а во 1853 г. П. Ј. Шафатик го издава преписот на Георг Курциус заедно со латинскиот превод направен од него. Словенскиот Чакаров препис, зедно со Бодлевиот грчки препис и со латинскиот превод на Курциус објавува Г. Баласчев во 1898 г. (М. Ј.-Т.)

 

Библиографија

Баласчев, Георги. 1898. Климент епископ словенски и службата му по стар славянски извод. София; Велев, Илија, 1997. Книжевниот облик на воспоставување култ на Св. Климент Охридски. Кирилометодиевската традиција и континуитет, Скопје: Култура – ИМЛ: 24-40; Дуйчев, Иван. 1981. Климент Охридски и неговото дело во научната книжнина. Проучвания върху средновековната българска история и култура. София: Наука и изкуство; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2005. „Пространото житие на Св. Климент Охридски од Теофилакт во византископравославната и римокатоличката книжевна средина“. Спектар, бр. 45-46, г. 24, стр. 7-16; Lambros, Spyridon. 1895. Catologue of the Greek manuscriptes on Mount Athos. Cambridge. t.1. 1895; t.2, pp. 1900; Lowe, C.G. 1929. „A Byzantine manuscript of the University Illinois“. Speculum 13, no. 3, pp. 324-328; Меловски, Христо. 1996. Москополски зборник – Пролошки житија на светците, Скопје: Догер, стр. 134-163; Милев Александар. 1966. Грцъките жития на Климент Охридски. София: Издателство на БАН; Нихоритис, Константинос. 1990. „Атонската книжовна традиция в распространението на Кирилометодиевските извори“. Кирило-Методиевски студии, кн.7. 112-139; Свети Климент Охридски – Хагиографија и химнографија. 2016. ур. Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Автор на воведот и превод на житијата Виктор Недески, превод на богослужбите протоѓакон Николче Ѓурѓиновски и Виктор Недески. Охрид: МПЦ – ОА, стр. 13-95; Снегаров, Иван. 1966. Климент Охридски 916-1966. София: БАН, стр. 173-219; Станчев Красимир, Попов, Георги. 1988. Климент Охридски, София: УИ „Св. Климент Охридски“; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1997. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност, Скопје: Детска радост, стр. 131-136.