• Наслов

    СЛОВО ЗА ПРЕВОДОТ

  • Автор

    КОНСТАНТИН-КИРИЛ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • слова

Опис на делото

Искажување со книжевно-теоретски погледи на св. Константин-Кирил Филозоф за словенскиот богослужбен и книжевен превод, во својство на Предговор кон првиот текст преведен на кодифицираниот старословенски јазик – Изборното евангелие. Се претпоставува дека овој состав настанал уште во 862 година во Солун, при подготовките за сесловенската просветителска мисија во Велика Моравија. Постојат и други доволно неаргументирани мислења дека книжевниот состав бил самостоен трактат за настанувањето на словенскиот превод, а му се припишува на други автори – како на св. Методиј Солунски, на Јоан Егзарх во Преславскиот книжевен центар, и сл. Според зачуваниот фрагментарен препис од составот јасно се согледува дека при првиот словенски превод св. Константин-Кирил го користел како основа византискиот новозаветен библиски текст, на кого му приоѓал аналитично и прагматично. Овој исклучително учен филолог со широк формат ѝ дал предност на прагматичната творечка ситуација, имајќи ја предвид различната изворна природа и структура на византискогрчкиот наспроти старословенскиот јазик. Затоа и сосема одлучно ги нарушувал актуелните филолошки догми, откажувајќи се од основниот принцип на „точен“ (буквален) превод и не сметајќи го таквиот преводен пристап за еретичко отстапувања од библискиот или од богослужбениот оригинал. Оправдувањето за сопствениот „креативен“ пристап го нагласувал во творечкиот резон дека меѓу преведениот и оригиналниот текст требало да има единство во содржината и во смислата, додека пак, дистинкциите по форма биле суштествена неопходност. Творбата е зачувана преку фрагментарен препис во познатиот Македонски (Гилфердингов) кирилски лист , вообичаено датиран од XI век (а според методологијата за датирање на Владимир Мошин, би требало да потекнува од X век). Пишуван е со кирилично старословенско писмо и со македонска јазична редакција. Го пронашол Александар Гилфердинг во Македонија. Се чува во Санкт Петербург, библлиотека на Руската академија на науките, сигн. 24.4.16 – збирка на Срезневски бр. 63. (И.В.)

 

 


Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1. Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 112-113; Велев, Илија. 2016. Свети Кирил и Методиј, рамноапостоли и сесловенски просветители. Скопје: УКИМ; Алпеко груп, стр. 119-120; Ильинскій, Григорий  А. 1906. „Македонскій листокъ- Отрывокъ неизвѣстнаго памятника Кирилловской письменности XI-XII в.“ в: Памятники старославянского языка. т. 1, вып. 5. Санктпетербургъ: Отдѣленія русскаго яазыка и словености императорской академіи наукъ; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 27-28; Пандев, Димитар. 2007. Охридска читанка. Охрид: Летра, 43-46; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1989. Речник на старата македонска литература. Скопје: Македонска книга, стр. 172-173; Срезневский, Измаил И. 1868. Древние славянские памятники юсоваго письма. Санктпетербургъ: Типография Императорской Академии наук, стр. 39-42, 192-193; Vaillant, André. 1948. „La preface de lʼEvangéliaire vieux-slave“ In: Revue des Etudes slaves, t. XXIV, fasc. 1-4. Paris: Institut d'études slaves, p. 5-20.