• Наслов

    ЗА БУКВИТЕ (О ПИСМЕНЕХЬ)

  • Автор

    ЦРНОРИЗЕЦ ХРАБАР

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • апологија

Опис на делото

Оригинална словенска творба на Црноризец Храбар типологизирана како полемички книжевен жанр (прѣпирателное слово), настаната околу 893 година пред Преславскиот собор во врска со покренувањето на словенското азбучно прашање во бугарската држава на кнезот Симеон  –  при актуелизирањето на процесот „преложениѥ книгъ“, т.е. заменување на буквите. Веројатно зад псевдонимниот автор се криел св. Наум Охридски, кој заедно со св. Климент Охридски одлучно застанале во заштита да се продолжи со примената на глаголицата во словенската писменост, со која и се одвивала изворната традиција на Кирилометодиевата сесловенска просветителска дејност. Реторичкиот трактат бил читан на јавна дебата пред да се донесат решенијата на Преславскиот собор, со чии одлуки се иницирала замена на глаголичкото писмо со друго новоустроено словенско писмо – кирилицата. Новата словенска ортографија била устроена како поблиска до графемските форми на византиското унцијално (уставно) писмо, а со цел да се постигне помал политички отпор од страна на протобугарската аристократија во државата, но и да се издигнат политичките односи со Византија и црковните со Константинопол. Во книжевен контекст творбата претставува и апологија за словенската писменост афирмирана од св. Кирил и Матодиј, во која полемичкиот признак како „прение“ се изразува на втор план. Текстолошки таа има статус и на културолошка документираност, во која се обединуваат три пункта на критичко и на восфалено произнесување: 1. Бројот на буквите во ортографскиот систем на глаголицата во однос на византискогрчката азбука; 2. За светоста на словенските букви како антипод на тријазичната догма; 3. За релативната совршеност на азбуките, а оттаму и на глаголицата. Се изложуваат дотогаш воспоставени емпириски сознанија за историјата на старите писма, во тој контекст рефлектирајќи ја еволуцијата на византискогрчката наспроти словенската писменост. Тоа ѝ приопштува на творбата и статус на лингвистичко – граматички трактат, кој може да се проследува и како своевидна историја на словенската, а посредно и на византиската писмена култура. Натамошната доминација на кирилицата во словенската писменост од втората половина на XI век натаму не станала пречка Апологијата да се афирмира преку нови преписи во ракописната книжевна традиција. За тоа сведочат евидентираните зачувани 100-тина подоцнежни преписи, а главно во руската книжевна средина. Во XII-XIII век составот послужил како основа за преработената варијанта на т.н. Втора апологија, која е евидентирана во два преписи: во Берлинскиот зборник од XIII-XIV век (Берлин, Државна библиотека бр. 48) и во Марчанскиот зборник од околу 1550 година (Белград, Музеј на СПЦ, Груиќ бр. 219). Нејзиниот анонимен автор, или компилатор, не успеал да го долови творечкиот зафат од апологетската импресија на автентичниот трактат, туку презентирал само бледа копија која не успеала да одговори на предизвикот од повторно создадените антагонизми околу развојот и афирмацијата на словенската писменост и јазик. (И.В.)

 

Библиографија

Антиќ, Вера. 1976. Од средновековната книжевност. Скопје: Македонска книга, стр. 72-99; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 167-175; Велев, Илија. 2016. „Црноризец Храбар“ во: Епоха св. Климент Охридски. Македонскиот јазик и македонската книжевност од епохата св. Климент до епохата Блаже Конески. Скопје: МАНУ, стр. 1011-1017; Велев, Илија. 2000. Проникнувања на традицијата и континуитетот. Скопје: ИМЛ, стр. 23-43; Ильинский, Григорий А. 1931. „Где, когда, кем и с какой целью глаголица была заменена кирилицей“. Byzantinoslavica, volume III, Nᵒ 1, стр. 79-88; Конески, Блаже. 1986. „Охридска книжовна школа“ во: Климент Охридски. Студии. Скопје: Одбор за одбележување на 1100-годишнината од доаѓањето на Климент во Охрид и формирањето на Охридската школа за словенска култура и писменост, стр. 9-23; Куев, Куйо. 1967. Черноризец Храбър. София: БАН; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 144-147; Пандев, Димитар. 2007. Охридска читанка или Светиклиментова средновековна читанка: охридска и македонска, општословенска и југоистичноцентралноевропска. Охрид: Летра, стр. 57-59; Петканова, Донка. 1984. Черноризец Храбър. София: Време; Stipčević, Biljana. 1964. „Marčanska varianta -Skazania o sloveseh Črnorisca Hrabra“. Slovo, knj. 14. Str. 52-58; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1997. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност. Скопје: Детска радост, стр. 199-212.