• Наслов

    АСЕМАНОВО ЕВАНГЕЛИЕ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на X век. Содржи 158 пергаментни листови, напишани од еден книжевник со глаголско писмо. Избришаните или избледени редови во ракописот се дополнети од друг книжевник, не порано од XII век. Ракописот е најстар словенски книжевен и писмен споменик, најблизок на Кирилометодиевиот превод на евангелието. Според правописните и јазичните особености се констатира дека е произлезен од Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува изборно евангелие (краток апракос) со месецослов. Првиот дел на ракописот содржи четива за сите денови од Велигден до Педесетницата, вклучувајќи го и Св. Дух. Од Педесетницата до Постот се наоѓаат само четива за саботите и неделите. Во месецословот имињата на месеците од септември до март ги носат старите словенски називи, додека од април до август, латинските називи. Застапени се календарски записи за чествувањето на христијанските празници и светци, како и избрани евангелски пасуси што влегуваат во состав на службата за тој ден. Од голема важност е тоа што во овој месецослов првпат е запишано богослужбеното прославување на Светите рамноапостоли Кирил  (14 февруари) и Методиј  (6 април) како и прославувањето на Климент Охридски  (27 јули) ‒ именуван како „епископ Велички“, а наведена е и годината на неговата смрт (916). Се споменуваат и други светители и маченици чијшто култ бил доста актуелен на македонската територија: Тивериополските маченици, Димитриј Солунски, Ахил Лариски (чиишто мошти цар Самоил во 986 г. ги пренел во Преспа) и др. Во ракописот се наоѓаат повеќе глаголски и кирилски записи (литургиски белешки, ознаки на писарите, дополнувања во календарот, итн.). Дел од овие записи се од раката на пишувачот на основниот текст, но има и доста подоцнежни записи, како и една кратка белешка на грчки јазик. На почетокот на секој месец од месецословот се наоѓаат кирилски записи што ги означуваат „злите денови“ во месецот. Според верувањата, во секој месец постојат несреќни денови од кои човекот треба да се чува. Откриен е во 1736 г., од страна на префектот на Ватиканската библиотека Јосиф Симон Асемани, во Ерусалим. По неговата смрт, заедно со целата негова колекција станува дел од фондот на Ватиканската библиотека, сигн. № 3 (Cod. Vat. Slav. 3). Во науката е познат како Асеманово евангелие, според името на пронаоѓачот и како Ватиканско евангелие, според местото каде што се чува.  (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Vajs, Josef et Josef Kurz. 1929. Evangeliarium Assemani. Codex Vaticanus 3- Slavicus glagoliticus. v. 1. Praha: Prolegomena; Vajs, Josef et Josef Kurz. 1955. Evangeliarium Assemani: Codex Vaticanus 3. Slavicus glagoliticus / Evangeliář Assemanův: Kodex vatikánský 3. slovanský t. 2. NAkladatelstvi Ceskoslovenske Akademie Ved; Велев, Илија, Макаријоска, Лилјана и Црвенковска, Емилија . 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“; Штип: 2 Август С; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. кн.1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2015. Македонската глаголица. Скопје: МАНУ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век, кн. 1, Археографски опис. Скопје: МАНУ; Кочани: Европа 92; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2020. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век. кн. 2, Палеографски албум. Скопје: МАНУ; Тетово : Арберија дизајн; Rački, Franjo. 1865. Assemanov, ili Vatikanski, evangelistar. Zagreb: Slovi Antuna Jakića; Рибарова, Зденка. 1991. „Преводната литература со библиска содржина во македонската книжевност“. Македонска средновековна книжевност, 79-130. Скопје: Македонска книга; Нова Македонија.