• Наслов

    ОХРИДСКИ АПОСТОЛ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XI или почетокот на XII век. Содржи 112 пергаментни листови напишани од три раце ‒ еден главен книжевник и двајца помошници со кирилско писмо, со чести глаголски вметнувања. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува краток изборен апостол во кој се наоѓаат извадоци од Делата и Посланијата на апостолите што се наменети за читање за време на богослужбата, и синаксар во кој месеците ги носат словенски називи. Во поменот на светителите се вклучени и имињата на словенските светители Св. Кирил и Методиј и нивниот ученик Св. Климент Охридски, а застапен е поменот на Тиверополските маченици. Во овој ракопис првпат се споменува празникот на „зимскиот“ Св. Климент, којшто бил установен уште во XII век. Текстот започнува со крајот на четивото за четврток, во третата седмица по Велигден, потоа следуваат Дејанијата, четиво за Велика сабота. Од л. 69 започнуваат четива за посебни денови од први септември натаму, меѓу кои се јавуваат и календарски забелешки. Пронајден е во 1845 г. од страна на Виктор И. Григорович во црквата „Св. Богородица“ („Св. Климент“) во Охрид. Се чува во збирката на Григорович во Руската државна библиотека во Москва, сигн. Григ. 13/М. 1695. (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век), т. 1. Скопје: Гирланда; Конески, Блаже. 2016. „Канонизација на словенските светци во охридската црква“. Епоха свети Климент Охридски, кн.2. Скопје: МАНУ, стр. 853-861; Мошин, Владимир. 1966. Палеографски албум: на јужнословенското кирилско писмо. Скопје: „Кочо Рацин"; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2018. „Македонското книжевно наследство во московскиот дел од ракописната збирка на Виктор Григорович“. Прилози ‒ Одделение за лингвистика и литературна наука, бр. 43, стр. 27-110; Угринова–Скаловска, Радмила. 1970. „Траги од глаголската писмена традиција во македонските кирилски текстови од 12 и 13 век“, Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, кн. 22, стр. 571-580.